еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Професорот Трајковски го сподели личното искуство на мајка му, која на 83-годишна возраст го победи Ковид-19

Професорот на Технички факултет во Битола, Дејан Трајковски кој на неговиот Фејсбук-профил секојдневно прави анализи за трендот на заболени и смртноста од Ковид-19 во Македонија и светот го сподели личното искуство на мајка му, која на 83-годишна возраст го победи Ковид-19

„Домашни – корона 4:0!

Со големо олеснување и задоволство можам да констатирам дека четвртиот член на нашето семејство, мојата мајка на 83 годишна возраст го победи ковидот и денеска е испишана од битолскиот ковид центар после 10 дена болничко лекување.

Влезот за позитивни (на сликата) воедно беше излез за ковид негативни.

Не би сакал ни на душманот да му посакам да ги слушне зборовите „билатерална пневмонија“ штом ја добие рентгенската снимка на белите дробови, но тоа е многу честа дијагноза кај ковид пациентите.

Без некој особен ред би ги наброил најважните фактори за овој позитивен исход. Поентата е сите фактори на ризик, помножени едноподруго (k1*k2*k3*…) да дадат вкупен ризик помал од критичниот.

1.) Мајка ми ја прими првата доза од вакцината АстраЗенека на 14.04, неколку дена пред (или можеби дури истовремено со) заразувањето.

Според резултатите на студијата на Универзитетот во Крагујевац, во втората недела по примената прва доза ризикот за развивање тешка клиничка слика (пневмонија) е помал за 70% во однос на невакцинираните. Меѓутоа, за првата недела – нема податоци.

Ова значи дека шансите да се избегне пневмонија во првата недела се мали, но докторите од битолскиот ковид центар сметаат дека е возможно вакцината сепак да ја ублажила клиничката слика, која првично беше оценета како тешка, а потоа корегирана на средно тешка.

Иако примена во пет до дванаесет, оваа вакцина (која инаку чини околу 120 денари) веројатно даде свој придонес кон позитивниот исход на лекувањето.

2.) Лекот Ивермектин беше даден еден месец пред заболувањето, како и по појавата на симптомите кај останатите членови на семејството. Научно или ненаучно докажано, овој лек веројатно исто така го подзабави и олесна текот на болеста, чиишто симптоми многу бавно се појавуваа и влошуваа.

3.) Претходни коморбидитети и лекови: никакви. Докторите сметаат дека се работи за природно здрав организам, што е многу важен фактор за успех во лекувањето.

4.) Телесна тежина: нормална. Иако, според навиките од Банат мајка ми целиот живот јадела месо и тоа речиси секој ден, исхраната била со намален внес на калории, со многу малку леб, тесто и слатки. Без прекумерна тежина и шеќерна болест, шансите против ковидот се многу подобри.

На сите луѓе би сакал да им препорачам да водат сметка за тежината, затоа што прекумерната телесна тежина е голем фактор на ризик за појава на многу болести.

5.) Физичка кондиција: просечна. Работниот век го поминала како канцелариски службеник, а движењето би го оценил како просечно за возраста.

6.) Навремено тестирање и контроли. Откако јас и сопругата ги забележавме првите симптоми, веднаш од целото семејство се пријавивме за тестирање на SARS Cov-2. Во тие денови за тестирање се чекаше по неколку дена, но во секој случај не ја игнориравме опасноста (како многумина) и не сметавме дека се работи за „мало грипче“ кое самото ќе помине.

Побаравме и добивме упати за прегледи во битолската модуларна болница, но уште поважно е што отидовме и на вонреден преглед откако сатурацијата на крвта со кислород кај мајка ми опадна на 90% и се појави покачена температура.

Втората рентгенска снимка покажа билатерална пневмонија, чија првична оценка од „масивна“ подоцна беше спуштена на „средно тешка“.

7.) Навремена хоспитализација (околу 12-тиот ден) и лекување според стандардниот протокол во битолското заразно одделение (кортикостероиди, антибиотици, лекови за ширење на алвеолите).

После 1-2 дена температурата беше соборена, после 4 дена анализите на крвта драстично поправени, на деветтиот ден сите наоди, вклучувајќи и РТГ снимката, во границите на нормалата.

Бев изненаден кога докторите кажаа дека поминала цитокинската бура (којашто е изгледа многу честа појава кај ковид пневмониите). Кажаа дека не се занимаваат со прогнози (за разлика од мене) и се плашеа од евентуални компликации, коишто биле честа појава кај ковид-болните.

Сепак, на деветтиот ден била донесена одлука за испишување од заразно наредниот ден (денеска), без продолжување на лекувањето на интерно. Интересно, но дишењето речиси цело време било спонтано, само одвреме-навреме кислородна поддршка и само 5 литри кислород во минута.

Факторот лекување секако е исклучително важен, но важно беше и организмот соодветно да реагира на терапијата, што за жал кај многу болни не се случува. Многу жално е што во Битола од 23.04 до 03.05 битката со Ковид-19 ја изгубиле дури 32 пациенти, од кои најголемиот број на возраст под 70 години.

Сочуствував со семејствата на починатите и истовремено не ми беше лесна неизвесноста, знаејќи дека родителот ми се наоѓа во истата ситуација.

Им благодарам на докторите, сестрите и останатиот болнички персонал од битолскиот ковид центар за нивната грижа. Сигурен сум дека не им е лесно да работаат под таков притисок веќе цела година.

Денеска дознав дека болничарките им ги полнеле мобилните телефони на болните, што е еден многу убав гест од нивна страна. Во првите денови, додека во ковид-центарот имаше преку 120 хоспитализирани, беше потешко да се воспостави телефонски контакт со дежурните доктори, додека во последните денови, со испишувањето на болните тоа беше се полесно.

Со гужва или без неа, докторите максимално стрпливо ми го објаснуваа текот на лекувањето, анализите и снимките. Звучи просто неверојатно дека во штипскиот ковид центар повици биле дозволени само два пати дневно по еден час (за сите болни!) и при тоа не можела да се добие врска.

Не верувам дека во Битола некој имал слично искуство (јас најчесто се јавував навечер).

Ќе видиме како ќе напредува пост-ковид лекувањето. Бев пријатно изненаден кога мајка ми излезе од болницата на нозе, исто како што и влезе во неа. Десетте дена лежење не предизвикаа голема атрофија на мускулите, но забележувам некаков необјаснив умор, малаксаност и апатија, со што изгледа дека ќе се бориме уште долго време.

Но, кога крајот е добар – се е добро“, напиша тој вчера на Фејсбук.

Фото: Фејсбук/Трајковски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Прв настап на хорот од Бигорскиот манастир на официјален настан во Атина: Аплауз и воодушевување од публиката

Редакција

Од Комората на извршители велат дека новинарот Салиу ја попречил работата на извршителката Јакимовска

Редакција

Марија Јаничевска е нова директорка на ОТА

Редакција