Со традиционален авијациски пречек за првиот лет во доаѓање од Москва кој на Меѓународниот Аеродром Скопје слета во 16 часот и 53 минути денеска, ТАВ Македонија го одбележа отворањето на нова редовна линија Москва–Скопје на која сообраќа руската авиокомпанија Нордвинд ерлајнс (Nordwind Airlines).
Воздухоплов од типот Боинг Boeing 737-800, со капацитет од 189 седишта, попладнево во 14:45ч. замина од главниот град на Русија и слета во македонскиот главен град во 16:53ч., поврзувајќи ги воздушно двата главни града.
Како што претходно објави ТАВ Македонија, Нордвинд ерлајнс, една од најголемите руски авиокомпании, со ова почна да сообраќа на авиолинијата од Меѓународниот Аеродром Шереметјево во Москва до Меѓународниот Аеродром Скопје, воспоставувајќи нова редовна директна авиоврска меѓу двата главни града.
Во рамки на летниот ред на летање, Нордвинд реши да го прошири опсегот на своите директни редовни авиолинии, со додавање нова авиолинија до Скопје.
Летовите на Нордвинд на релација од Москва до Скопје ќе сообраќаат секој петок, со заминување од Меѓународниот Аеродром Шереметјево во Москва во 14:45ч, а пристигнување на Меѓународниот Аеродром Скопје во 17:10ч.
Летот од Скопје до Меѓународниот Аеродром во Москва Шереметјево полетува во 18:15ч. Летот трае 3 часа и 25 минути.
„Во ТАВ Македонија сме многу среќни што Нордвинд одлучи да почне со летови на релација Москва-Скопје, отворајќи ја првата воздушна врска меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација, по 20 години пауза на воздушната врска меѓу двете земји.
Силно веруваме дека оваа досега неопслужена авиолинија има голем потенцијал и дека ќе биде од голема корист за бизнис-патниците и за оние кои патуваат од туристички причини“, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.
Нордвинд е една од најголемите авиокомпании во Русија според прометот на патници и ја има една од најразвиените мрежи на авиолинии во земјата. Базата на Нордвинд е Меѓународниот аеродром Шереметјево во Москва. Со флексибилни авионски билети, лесен распоред на летови и бонуси во програмите за лојалност, летовите со Нордвинд ќе бидат успешен почеток за патувања на бизнис-патниците, како и оние кои сакаат да уживаат во планираниот одмор.
Повеќе информации за цените, времето на поаѓање, достапноста на местата на летовите, како и резервација и продажба на авиобилетите на веб-страницата на Нордвинд на nordwindairlines.ru.
Од Нордвинд објаснуваат дека сите нивни патници можат да користат дополнителни услуги за удобен лет, како што се избор на седиште во авионот, избор на оброк, земање дополнителен багаж, нова услуга – дополнително место во близина, како и други услуги преку Интернет.