Националниот кординатор за НАТО, Стево Пендаровски е еден од можните кандидати за претседател на државата, како заеднички кандидат на владејачките СДСМ и ДУИ.
Кој ќе биде официјалниот кандидат ќе биде познато денеска.
Кој е Пендаровски?
Роден е во април 1963 година во Скопје.
Дипломирал на Правниот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1987 година.
Магистрирал на истиот Универзитет, на Институтот за политички, правни и социолошки истражувања на тема “Новата геополитика на Република Македонија: Контрадикциите на комунистичките и транзициони матрици”.
На истиот Институт докторирал на тема “Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и малите држави: Рамката на националниот дискурс”.
Од 2008 година до сега е професор доктор од областите на меѓународната безбедност, глобализацијата, светската политика и САД, меѓународните организации и институции, надворешната политика и тероризмот на Факултетот за политички науки на Универзитетот Американ Колеџ Скопје.
Зад себе веќа има една претседателска кандидатура на претседателските избори во 2014 година.
По завршувањето на високотo образование, станува раководител на Одделот аналитика во Министерството за внатрешни работи (МВР), а покрај тоа, три години паралелно е и портпарол, заменик-министер за односи со јавност во МВР.
Интересен е податокот дека работел за двајца поранешни претседатели на Македонија. Од 2001 е назначен за шеф за национална безбедност и главен советник за надворешна политика во кабинетите на Борис Трајковски и Бранко Црвенковски.
Во 2004 и 2005 година е шеф на Државната изборната комисија (ДИК).
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кој е Оливер Спасовски, еден од најсериозните кандидати за претседател на државата
Спасовски и Пендаровски на „тапет“ на Твитер
Пендаровски, Димитров или Спасовски: Кој ќе биде заеднички кандидат на СДСМ и ДУИ за претседател
Фото: Фејсбук/Пендаровски