Битката околу реченицата за „погрешно толкување на историјата“ на која инсистира Бугарија во заклучоците за Северна Македонија, сепак, се најде во последната нацрт-верзија, но не како што барала Софија, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Освен блокадата за усвојувањето на преговарачка рамка, Бугарија веќе неколку недели бара во крајните заклучоци за Северна Македонија да стои реченица поврзана за „погрешното толкување на историјата“.
Германското претседателство досега не попушташе за ова барање, но според последниот нацрт на текстот до кој дојде МИА и кој им е поднесен вчера на амбасадорите на земјите – членки на ЕУ, оваа реченица се појавува, но не во пасусот посветен на Северна Македонија.
Поточно реченицата е додадена во преамбулата на нацрт-заклучоците за целиот регион, но сепак е директно поврзана за Северна Македонија. Ова се чини е последниот компромис кој е можен засега, доколку Бугарија се согласи. Северна Македонија нема право на глас.
Конкретно, параграфот осум од нацрт-заклучоците, кои ќе се дискутираат попладнево на амбасадорско ниво, се занимава со регионалното помирување, наследството од југословенските војни и Хашкиот Трибунал.
На крајот на параграфот се додава:
-Советот нагласува дека во ЕУ нема место за распалувачка реторика и глорификација на воените злосторници од било која страна. Изјавите кои негативно влијаат на добрососедските односи и мирното решавање на споровите мора да се избегнуваат.
Советот потсетува на Преспанскиот договор помеѓу Република Северна Македонија и Грција и Договорот за Пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста на нивната постојана имплементација.
Овие два крупни чекори би требало да им стават ефективен крај на сите барања засновани на погрешното толкување на историјата, стои во последниот нацрт заклучоци на ЕУ.
Се забележува и дека Советот ја користи долгата форма на името на Северна Македонија, Република Северна Македонија, додека се користи кратка за Грција и Бугарија. Едно од барањата на Софија е токму да не се користи кратката форма, Северна Македонија.
Реченицата за „погрешно толкување на историјата“ се појави прв пат во заклучоците на ЕУ за Северна Македонија за време на бугарското претседавање со ЕУ во 2018, по склучувањето на договорот со Грција и Бугарија.
Според оваа последна верзија што ја нуди германското претседателство, дипломатската „победа“ за Северна Македонија е во тоа што реченицата не е вметната во пасусот за земјата, туку во преамбулата.
Во верзијата на заклучоците од ноември оваа реченица не се појавуваше воопшто, а се користеше и краткото име – Северна Македонија.
Од вчера заклучоците го користат само долгото име, Република Северна Македонија, како што бара Бугарија, која смета дека краткото име на земјата носи со себе ризик од иредентизам.
МИА