еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Самит Македонија2025: Дигитализацијата, регионалната соработка и вложувањето во иновации клучни за закрепнување на економијата

Забрзана дигитална трансформација, регионалната соработка и иновациите се фокусот на годинешниот самит Македонија2025. Денес, во рамките на 11-то издание на овој Самит, претставници на бизнис заедницата, од земјата и регионот, претставници на влади и институции, како и интернационални организации дискутираа за дигитализацијата низ призма на администрацијата, компаниите и човечките ресурси.

Покрај тоа, беа споделени успешни примери и искуства за дигитална трансформација. Лидерите од бизнисот и спортот во земјава ги пренесоа визиите за успех и развој.

„Годинешниот Самит покрива неколку главни теми кои се вкрстени преку призмата на дигитализацијата и напредните технологии. Зборуваме за тројството администрација – компании – работна сила. Разменуваме и анализираме примери на успешни компании од различна големина и успешни лидери од различни области.

Посебен фокус е ставен на жените и развојот на нивните кариери. Во ера на глобализација сите имаат шанса ако се посветени. Се покажа дека малите земји можат да водат и да бидат лидери во иновациите и во технолошкиот развој кој ќе придонесе до брз раст.

Важно е да го забрзаме напредокот во реформите и да придонесеме кон повисок животен стандард со засилена акција”, изјави во своето поздравно обраќање извршната директорка на Македонија 2025 Никица Мојсоска Блажевска.

На важноста за заеднички придонес во развојот на општеството се осврна и еден од основачите на Македонија 2025, Џон Битов.

„Македонија 2025 е посветена на поддржување на заедничките интереси и ги промовира обединувачките идеи преку развојот на економијата, со можности за обуки и пренос на знаења, притоа истакнувајќи ја важноста на владеењето на правото. Нашата мисија е да го поддржиме напредокот на општествата во регионот,” рече Битов.

Регионалната соработка како механизам за надминување на економските предизвици кои влијаат врз развојот на државите, како и врз бизнисите беше една од централните теми на првиот ден на Самитот.

Мајк Зафировски како основач и член на Одборот на директори на Македонија 2025 ги истакна заклучоците од извештајот на Светска Банка во кои за Западниот Балкан е нотирано дека закрепнување на економиите може да се случи преку структурни реформи, отчетност на институциите, рационално трошење на јавните средства и вложување во дигитализацијата, што е можно преку поголема регионална соработка.

На официјалното отворање на Самитот Македонија 2025, македонскиот премиер Димитар Ковачевски, и српската премиерка Ана Брнабиќ ја потенцираа важноста на регионалната соработка за надминување на економските и геополитички предизвици, како и неопходноста од градење партнерства со следење на позитивните примери за развој на регионот.

Дел од темите на кои дискутираа двајцата премиери беа и дигитализацијата, инвестирањето во иновациите и технолошкиот развој кои придонесуваат кон одржлив економски раст.

Македонија 2025 ја иницираше и Платформата за просперитетна иднина, која се базира врз 7 клучни области – образование и човечки капитал, конкурентност и водење бизнис, владеење на правото и борба против корупцијата, демократско општество, животна средина, јавно управување, дигитализација и дигитални вештини.

Оваа платформа нуди и алатка за мерење на напредокот на земјата во овие области со цел напредок во економскиот раст и развој.

На првиот ден на самитот говорниците, дискутираа на неколку значајни теми како, дигитализација и трансформација на бизнисите и промовирање на успешни лидери во бизнисот и спортот.

Во текот на утрешниот ден, акцент на самитот ќе биде ставен на женското претприемништво и „блок-чејн“ технологиите.

Македонија 2025 е посветена на промовирање успех и интегритет, поддршка на младите, поддршка на бизнисите и поттикнување на економскиот раст. Од основањето, па досега, Македонија 2025 имплементираше програми за економски развој во вредност од 3,5 милиони долари.

Дополнително на тоа, во сегментот на образование и лидерство, донирани се 1,6 милиони долари, а во овие програми досега беа вклучени над 650 менаџери, претприемачи и млади таленти од Македонија.

Самитот Македонија 2025 ги обединува водечките компании, бизнис лидери, општествени чинители и институции во промовирање на успешни примери кои придонесуваат кон одржливи иницијативи и раст и развој.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Загина тракторист во струмичко Сачево

Редакција

Завршија контролите во КАМ, нема затворен објект, велат од УЈП, под лупа и други маркети

Редакција

Каков имот пријавил вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој најави повлекување од политиката

Редакција