Откако Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) обелодени дека добиле претставка од здравствен работник, за починато лице инфицирано со Ковид-19, кое по утврдената дијагноза од матичен лекар, по 14 дена од инфекцијата, дошло во ковид центар, во многу лоша здравствена состојба и починало само неколку часа по приемот, а било лечено од лекар во домашни услови, министерот за здравство Венко Филипче изјави дека овој случај се уште се истражува.
Тој додаде дека единствено што засега е познато е дека случајот го пријавил лекар од ГОБ „8-ми Септември“, кој го направил приемот на пациентката.
„Ексклузивното право да комуницира и да дава препораки за лекување во домашни услови го има матичниот лекар, пред се поради можноста 24 часа да комуницира со пациентот, да направи проценка на состојбата, да каже дали е за домашно лекување или евентуално да препрати на лекар специјалист и за хоспитализација.
Така што, тоа е единственото нешто што е можно и единственото нешто што системот го препорачува и дозволува,“ нагласи Филипче.
Министерот порача граѓаните кои се болни од вирусот да разговараат само со матичниот лекар, а по негова препорака и со лекар специјалист.
„Нема еден универзален протокол за лекување, но има протоколи согласно клиничката слика на пациентите, манифестацијата и евентуалното присуство на хронични болести. Затоа е важно секогаш да се консултира лекар. Или матичен, а по негова препорака и лекар специјалист,“ додаде Филипче.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Филипче не очекува нов силен ковид-бран
МИА/Фото: Photo by Mat Napo on Unsplash