МВР ги демантира лажните вести во врска со наводно пронајдени починати средношколци во Градскиот парк во Скопје, поради употреба на дрога, кои се шират по социјалните медиуми.
– Oвие лажни вести започнаа оркестрирано да се шират на социјалните медиуми во изминативе неколку дена, при што заедничката шпекулација за сите е дека група средношколци наводно починале од употреба на дрога во скопскиот Градски парк, а низ објавите се разликува само бројката на лица кои биле во групата, која варира од 3 па сѐ до 9, како и периодот на наводно случување на наводниот настан – од викендов, па сѐ до денеска (15.03.2023).
МВР категорично ги отфрла овие лаги, бидејќи пријава за таков настан не постои.
Очигледна е целта на овие пласирани лажни вести – да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните, во случајов кај младите и нивните родители, да нанесат штета на институциите и недоверба кон нив.
Воедно, им благодариме на медиумите кои не подлегнуваат на ваквите лажни вести и информациите ги проверуваат во надлежните институции, се наведува во реакцијата од МВР.