Со панихида и положување цвеќе пред спомен плочата кај месноста Карпалак на автопатот Тетово-Скопје утрово беше оддадена почит кон 10-те загинати бранители од Прилепско кои беа убиени во заседа во оружениот конфликт во 2001 година.
Почит им оддадоа делегација од Министерството за одбрана и Армијата предводена од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и државниот секретар во Mинистерството за одбрана, Драган Николиќ, претставници на Владата, од кабинетот на Претседателот, пратеникот од Тетово во Собранието, Александар Велјановски, општина Прилеп, семејствата на загинатите, политичките партии, како и поголем број здруженија на бранителите, како и граѓански организации.
-Oваа година навршуваат две децении од настанот кај Карпалак кој остави длабоки траги во нашата меморија. Пред 20 години ги изгубивме нашите сограѓани, кои дадоа се, го дадоа својот живот за својата држава и тоа никогаш нема да го заборавиме.
Изгубивте десет наши сограѓани кои станаа херои, а хероите никогаш не умираат. Овие храбри и пожртвувани десетмина ја платија најголемата цена во можеби најтешкиот период за нашата татковина кога стоевме на средината на крстосницата на која се вкрстуваат и војната и мирот.
Пред две децении се соочивме со трагедии кои многу семејства завија во црно, нанесоа многу болка и покажаа дека мирот, безбедноста и стабилноста треба да бидат наш приоритет. Ниту едно семејство веќе да не загуби ниту еден член.
Нашата должност е да гледаме напред, но никогаш да на заборавиме на храбрите десетмина бранители кои не се повеќе со нас, истакна во своето пригодно обраќање државниот секретар во Министерството, Драган Николиќ.
Марин Најдов, претседател на Одборот на бранители пред присутните посочи дека извршителите не се исправени пред лицето на правдата.
-Оние што го испратија конвојот и останува нејасно како и покрај многуте информации што ги поседуваа органите за безбедноста колоната беше пуштена без преземени борбени мерки неопходни во такви случаи. Крајно време е да се расчисти одговорноста, бидејќи тие дела не застаруваат.
Крвавата трагедија на Карапалак вечно ќе потсетува на загинатите и нивната храброст и смелост. Бранителите сторија се што можат по цена на своите млади животи потврдувајќи го патриотизмот и вечната желба да се биде свој на своето, истакна Најдов.
Иле Велков и Ацо Јовановски-Реган се двајца од преживеаните кои истакнаа дека бранителите заслужуваат поголема почит.
-Јас бев дел од конвојот овде, како резервист во автобусот, а загинатите беа во камион. Да им биде срам и на едните и другите, што не направија за нашите браќа еден споменик. Овие луѓе само за избори не бараат, за друго ништо. Ништо ни едните ни другите не ни помогнале на бранителите, гревота е ова, изјави Велков.
Јовановски-Реган рече дека и по 20 години се зголемува револтот од страна на бранителите.
-Пред некое време Артан Груби кажа дека нагласувам „за борците на УЧК средени се пензиите и вработувањата“. Да прашам што направија за бранителите, 20 години бараме споменик макар и еден обичен камен да не биде положено цвеќе на банкина.
Државата многу малку помага за вработување кај бранители. Ако си со партиска книшка не ти треба да бидеш бранител. Прашајте колку социјални случаи има и колку се лечат во душевни болници.
Медиумите да бидат повеќе на страна на бранителите. Да има повеќе грижа, имаше некое бесплатно лечење, сега нема ништо. Три илјади УЧК земаат плата. Како утре ако дојде време да се застане на браникот на татковината повторно да се брани, рече Јовановски-Реган.
На 8 август 2001 година околу 10 часот конвој на АРМ беше подмолно нападнат од заседа. При тоа беше погодено едно транспортно возило на Армијата во кое беа 8 војници и двајца офицери, сите од резервниот состав.
Загинаа Нане Наумоски (48), Сашо Китаноски (39), Бранко Секулоски (42), Горан Миноски (29), Ердован Шабаноски (20), Веби Рушитоски (26) сите од Прилеп, Марко Деспотоски (27) од прилепско Новоселани, Љубе Грујоски (31) од прилепско Пашино Рувци, Дарко Велјаноски (27) од прилепско Ропотово и Пеце Секулоски (29) од прилепско Бело Поле.
МИА/Фото: МИА