еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Шаќири: Коцкањето и да се забрани целосно, луѓето повторно ќе најдат начин да играат

Албрим Шаќири e еден од основачите на Здружението на вработените во приредувачите на игри на среќа ЗВПИС, инаку вработен како координатор на автомат клубови во Струга и Скопје, сопственост на „Адмирал“ (Ма Гаминг ДООЕЛ Скопје).

Toj смета дека е потребно 7,5 илјадите негови колеги да си ги заштитат своите работни места, бидејќи средината неоправдано ги осудува, за што вината ја гледа и во самите нив, со тоа што дозволиле да им се налепат разни етикети.

Во интервју за „еМагазин“ вели дека подолг период се цел на негативна кампања и ги прикажуваат како „црни ѓаволи“, па решиле да се организираат во сопствено здружение

Зошто одлучивте да формирате Здружение на вработените во приредувачите на игри на среќа – ЗВПИС?

– Јас сум вработен во Адмирал од 2014 година. Имав среќа некој да ми подаде рака кога ми беше многу тешко и да ми овозможи да работам чесна и многу одговорна работа. Потполно сум свесен дека пошироката јавност има критички пристап кон оваа дејност, најчестиот впечаток е дека во овие деловни објекти се случува нешто страшно и се уништуваат човечки судбини. На пример, никој не знае како изледа нашиот работен ден.

Бидејќи подолг период сме цел на негативна кампања и не прикажуваат како „црни ѓаволи“, решивме да се организираме во сопствено здружение. Во Македонија околу 7,5 илјади луѓе се вработени во различни објекти на игри на среќа и тие ги ранат своите семејства. И јас, како и многу друго мои колеги, сум родител и никогаш не би се согласил да работам нешто што им прави штета на младите, бидејќи така работам и против сопственото дете. Го формираме ЗВПИС за да ја кажеме вистината. Едноставно, сакаме на граѓаните да им покажеме дека има и друга страна која соопштува факти.

Кој ги посетува автомат клубовите кои ги координирате?

– Во нашите автомат клубови најчесто доаѓаат едни исти луѓе. Има мажи, жени, па дури и пензионери. Тие се редовни посетители и играчи. Некој од нив игра од забава, некој игра за да заработи плус, некој за да си ја задоволи играчката страст. Кај нас многу ретко некој влегува од љубопитство. Се работи за луѓе кои претходно веќе играле, најчесто на запад и тука си ја пробуваат среќата. Ве уверувам дека на секој објект, без исклучок, стои забрана за малолетници и секаде се исполнети највисоки светски стандарди за оваа дејност.

Дали сметате дека коцкањето е заразно и предизвикува зависност?

– Ај да ви го кажам мојот пример. Еве веќе петта година работам во „Адмирал“, секојдневно ми се пред нос сите автомати, а не сум се ни обидел да играм. Погрешно е верувањето дека бројката или близината на автомат клубовите е причина за некаква зависност од игри на среќа. Ако е така, тогаш, по истата логика, младите се многу повеќе загрозени од продавниците и „тобаката“ кои се на секој чекор и каде гледаат и можат слободно да купат алкохол и цигари, кои се исто така многу тешки пороци.

Да не ја отвораме темата дека ниту еден родител не е сигурен дека неговото малолетно дете не добива алкохол во кафулињата кои ги посетува, бидејќи сите знаеме дека келнерите или шанкерите не им бараат лична карта на секоја нарачка. Коцкањето и да се забрани целосно, луѓето повторно ќе најдат начин да играат игри на среќа, бидејќи тоа е во човечката природа. Така било векови наназад, така е, така и ќе биде.

Безбедни ли се вработените во автомат клубовите? Ве плаќаат ли на рака газдите?

– Ние сме филијали на реномирани светски фирми за организирање на игри на среќа. Не само што безбедноста е на највисоко ниво, туку веќе неколку години како ЕУ-стандард соработуваме со дежурен психолог кој им стои на располагање на сите кои евентуално чувствуваат зависност од играта. Една моја колешка, која исто така е основач на ЗВПИС, долги години работеше во спортска обложувалница во Чаир во Скопје и може да ви посведочи дека немала ниту еден проблем, ниту се почуствувала загрозена од некој нивен клиент.

Кај нас нема ништо на црно. Прво, секој автомат клуб е нон – стоп поврзан со УЈП и се регистрира секоја уплата. Второ, ги уживаме сите права од работниот однос, ни се плаќаат и прекувремени часови и работа на празници. Може слободно да кажам дека сме една од најуредените професии во земјата.

Дали ве осудува средината за тоа што го работите?

– Доаѓам од релативно поконзервативно опкружување, и да, морам да бидам искрен дека не баш секој одобрува што работам. Но, причината за тоа ја гледам во нас. Дозволивме долг период да не доживуваат како некои кои живеат на некое наводно туѓо страдање, што е целосно погрешен впечаток. Членовите на моето најблиско семејство свесно сум ги донел во објектите кои ги координирам за да видат на лице место што работам.

Верувам дека со еден поинаков пристап ќе ја увериме пошироката јавност дека оваа дејност не е закана за младите. Да не заборавиме дека голем дел од приходите кои државата ги добива од оваа дејност се користат за финасирање на спортски активности. Надвор од ова, нашите менаџери редовно се дел од хуманитарни акции за помош на загрозени категории граѓани и дејности.

Како ги доживувате критиките на движењето „Антикоцкање“ од Тетово?

– Реков претходно. Иако не се согласувам, имам разбирање за стравот кој постои кај дел од граѓаните дека младите може да бидат „коцкарски жртви“, но сум разочаран од целосно неоснованите обвинувања дека во дејноста се случува нешто црно и незаконски. Колку што знам ниту менаџерите не бегаат од дополнителна регулација на игрите на среќа.

Правните застапници веќе доставиле до собранието предлози за поефикасно регулирање на оваа дејност од страна на државата. Нашите плати директно засегаат околу 25 илјади луѓе во Македонија, што е сериозна бројка. Тоа државата мора да го земе предвид. Ние ќе се бориме да ги заштитиме нашите работни места. Подготвени сме пред секоја државна институција да зборуваме со аргументи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

И експертите против идејата за дислокација на објектите за игрите на среќа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Евтиниот „Дексаметазон“ прв лек што ја намалува смртноста од Ковид-19

Редакција

Цената на нафтата надмина 129 долари за барел, прв пат од 2008 година

Редакција

Македонија избра претседател, излезноста до 18.30 часот – 46%

Редакција