Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен предлог против вкупно шест лица, од кои четворица се гонат за сторени повеќе кривични дела „измама“, а двајца се товарат дека извршиле кривично дело „прикривање“, поврзани со купопродажба на автомобили.
– Четворицата обвинети за измами, во повеќе наврати од ноември 2019 до ноември 2020 година доведувале во заблуда и мамеле граѓани при купопродажба на автомобили, со намера за себе да прибават противправна имотна корист.
Тие се претставувале како купувачи на автомобили огласени на социјални мрежи или на интернет страници за продажба, ги наведувале сопствениците да извршат пренос на сопственоста врз автомобилот на нотар, но притоа не ја уплаќале договорената сума за купопродажба и избегнувале секаков контакт со продавачите на возилата.
Автомобилите прибавени со кривично дело потоа другите двајца обвинети, кои се товарат за кривично дело прикривање, ги купувале и ги протурувале понатаму, продавајќи ги на трети оштетени лица, соопшти Јавното обвинителство.
За четворицата обвинети за измама, кои се недостапни за органите на прогонот, надлежниот јавен обвинител до Судот достави предлог за определување мерка притвор која би се спровела веднаш по нивното пронаоѓање и лишување од слобода.
Во исто време, јавниот обвинител предложи да бидат определени и привремени мерки за обезбедување на вкупно седум автомобили кои биле предмет на извршување на кривичните дела.
Со предлогот се бара да се стави забрана за располагање и оттуѓување на моторните возила.