Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на денешната прес-конференција го впери прстот кон Јавното обвинителство и Државниот инспектрат за животна средина и нивното однесување во случајот со медицинскиот отпад во „Дрисла“ го оцени како неприфатливо.
Според Шилегов, да е тој претпоставен ниту обвинителката ќе беше денеска обвинителка, ниту инспекторот ќе беше денеска инспектор.
„Педесет дена да молчите. Снимањето на градскиот инспектор било приметено од чуварските служби на 10 кон 11 декември вечерта. Веројатно на 11 декември се чисти се, и баш на 12 декември прават вонреден надзор при што издаваат документ дека се било во ред. И сега Градот треба да излезе виновен за тоа што пријавил?,“ рече Шилегов.
Тој вели дека денеска од страна на МВР бил повикан градскиот инспекторот да го даде телефонот на кој се снимките, но снимките веќе не се наоѓале на тој телефон.
„Одговорен обвинител веднаш бара од истражен судија налог и врши запечатување на таа инсталација, истиот ден, на 13 декември кога се пријави требаше да биде запечатена. Па да се изврши целосна истрага, па да се најдат и остатоци од органи од крв или од не знам што, што очигледно биле остранувани за на 12-ти државниот инспектор да даде решение дека се било во ред. Од цела година вонреден надзор баш еден ден после снимањето најдоа да прават контрола. Кој е овде луд?,“ праша Шилегов.
Случајот бил пријавен со изјава на записник од страна на инспекторот Мирослав Богдановски како градски инспектор, кај надлежната обвинителка. Притоа, при самата пријава на надлежната обвинителка и биле покажани видео снимките и фотографиите што ги поседува Градот и градскиот инспекторат.
„Обвинителката повикала полиција, и после саат време излезени се на лице место заедно со градскиот инспектор. Направен е увид, бил присутен и советникот кој исто така е сведок на снимањето, на настанот. И потоа Богдановски и Градот се ослободени и од нив не е побарано ништо понатаму.
Значи биле презентирани доказниот материјал на јавната обвинителка која ја составила изјавата во форма на записник за поднесување кривична пријава. Бил извршен увид, не биле побарани од него доказните материјали, а истите се содржани во самата пријава,“ рече Шилегов.
Обвинителство денеска преку соопштение информираа дека ја продолжуваат предистражната постапка со Дрисла.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Град Скопје