Сведок на обвинителството што работел како возач во “Дурмо турс“ на релацијата Гостивар-Скопје, на денешното рочиште за автобуската несреќата кај Ласкарци, беше сослушан како „непријателски сведок” откако кажа дека не е точен неговиот исказ во обвинителството и оти не се сеќава дека кажал дека и во автобусот имало уред за манипулација на тахографот.
Поради контрадикторност на денешниот исказ на сведокот Бесник Халими со тој во Обвинителството, јавниот обвинител Дарко Јакимовски побара од Судот да му дозволи да му го предочи неговиот исказ.
Откако судијката Диана Груевска Илиевска дозволи, обвинителот Јакимовски на сведокот му го прочита неговиот исказ во ЈО, каде кажал дека во автобусот што учествувал во несреќата имало вградено таков уред за кој морало да знае Ремзи Мифтари, бидејќи тој бил шеф на возен парк.
Сведокот Халими кажа дека тоа не е точно и не го кажал така во Обвинителството.
– Немам врска со оваа линија од 2014 и не можам да се сетам на што било. Јас не сум така интелигентен како што Вие читате. Јас сум 62 години и кратко ви одговарав и вие ме влечевте со зборови. Ми дадовте да го потпишам, но јас не го прочитав, изјави сведокот.
Сведокот Бесник Халими, претходно кажа дека работел како возач во „Дурмо турс“ од 2007 до 2014 година на релацијата Гостивар-Скопје.
Додека работел во „Дурмо турс“ донеле три нови, во добра состојба Сетра автобуси од Германија, меѓу кои и тој со кој се случила несреќата.
– Го имам возено и тој автобусот, но не можам да се сетам кога. Кога имавме некакви проблеми, како дупната гума, промена на масло или поправка на прозор и слично му се јавувавме на Ремзи Мифтари, а некогаш и на Дурмиш, изјави сведокот.
Прашан дали во автобусот имало уред за манипулација на тахографот и тој го однел во сервис во Автокоманда, сведокот Халими рече дека не се сеќава на таков уред за манипулација и дека го има носено автобусот на баждарење и сервис на тахографот во Скопје, но не се сеќава каде.
Обвинителот Јакимовски, го праша сведокот дали на минатото рочиште бил присутен во Судот, но поради долготрајноста судењето било прекинато, по што на излегување пред судот тој лично го видел во присуство на обвинетиот Ремзи Мифтари.
– Да, јас имав контакт со Мифтари и само се поздравив, по што веднаш дојде обвинителот. Па нели можам да се поздравам со човекот со кого 12 години сум работел, рече сведокот Халими.
За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени обвинети се шест лица.
Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.
МИА/Фото: Фејсбук/Дурмо турс
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ