еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Без професионална планинска спасителна служба, ќе имаме уште многу случаи како премрзнатиот сточар од Кратово

Советот на Општина Охрид, речиси едногласно ја отфрли одлуката за финансиска поддршка на Планинската спасителна служба при Црвен Крст Охрид, а станува збор за единствената планинска спасителна служба во државата која работи според професионални светски стандарди.

Подготвени професионалци со врвна опрема обезбедена од пари од ЕУ-фондови, но самоодржливоста, треба да биде помогната од домашните институции.

Оваа одлука на Советот на Општина Охрид доаѓа многу брзо откако во државата се случи невидена трагедија, смртта на сточарот Златко Божиновски од кратовско, кој почина како резултат на премрзнатини поради ненавремена помош заради непристапниот терен.

И после секоја ваква трагедија, се отвора прашањето за ефикасна спасителна планинска служба.

Раководителот на Планинската спасителна служба и проектен менаџер Антонио Додевски за „Агенда 35“ вели дека, трагедиите се случуваат поради отсуство на координација и комуникација со институциите.

„Во нашата држава имаме сосема доволно опрема, дури и високо едуциран кадар по меѓународни стандарди, но она што ни фали е меѓусебна координација и комуникација со државните институции.

Имаме доволно воздухоплови и во Министерство за внатрешни работи и во Министерство за одбрана, имаме Регионален центар во Охрид, кој може да служи за обука на сите спасители, имаме софистицирана опрема за многу сложени и комплексни операции на технички терен, опрема која може да се користи било каде.

Но треба да имаме координација со воздухопловите кои треба брзо да реагираат на повик, да идентификуваат дека повикот доаѓа од стручни лица како спасителите во планина, дека навистина е неопходно и со тој воздухоплов нашите тимови да бидат транспортирани најблиску до местото на несреќа, што е можно пократко.

Нашата држава е мала, воздухоплов може да дојде да земе за еден час едуциран тим со софистицирана опрема од кај нас, и да стигнеме ако треба во најоддалечениот крај на Истокот,“ вели Додевски.

Според него, клучно е придржувањето до светски стандарди за да се воведе квалитетен сервис. На ниво на држава, потребно е да се унифицира стандардот, односно стандардните и оперативни процедури за делување.

За таа цел тие го формирале Националниот сојуз за планинско спасување, за меѓународните стандарди за планинско спасување да се имплементираат на ниво на цела држава. Подготвуваат нови проекти со кои стандардите за спасување од Охридскиот регион ќе се применат и на Попова Шапка, Маврово, Крушево и во Источна Македонија.

Охридскиот регион кој е атрактивна туристичка дестинација посебно за туристи кои практикуваат алтернативен туризам, е незамисливо да биде без професионална планинска спасителна служба.

Истата постои, застанала на здрави нозе со помош на ЕУ-фондови, а за да биде одржлива и треба помош од локалните институции.

Општина Охрид одбива финансиски да ја поддржи, а воедно, истатат општина промовира туризам и безбедност на туристите.

Градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески изјави дека Општина Охрид апсолутно ја поддржува и во минатото ја поддржувала дејноста на Планинската служба за спасување, но требало да се изнајде вистинскиот модел и правен основ како да се поддржи волонтерска организација каква што е самата Служба за спасување на планина.

Прашањето е што чекале до сега за да се пронајде тој модел и правен основ?

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Потребна е правна рамка за Општина Охрид финансиски да ја поддржи работата на Планинската служба за спасување, вели градоначалникот Георгиески

Власта и опозицијата во Охрид воздржани за спасување на човечки животи: Да „нацртаме“ што претставува Планинската спасителна служба при Црвен Крст Охрид

За едно евро по глава на жител, Советот на Општина Охрид ја „фрли“ Планинската спасителна служба

Нека им служи на чест: Власта и опозицијата во Охрид за прв пат се обединија и тоа против Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид

Фото: Фејсбук/Додевски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Вкупно 760 заразени со корона вирусот: Регистрирани 49 нови случаи, најмногу во Скопје и Куманово

Редакција

„Изгледа пронајден е начинот како да се задржат сите во Македонија-нема пасоши“: Твитер реакции

Редакција

Како да се препознаат симптомите и да се третира цервикобрахијален синдром

Редакција