еМагазин
Image default
Македонија

Сите барања на пензионерите ќе бидат разгледани, уверуваат од Министерството за труд и социјална политика

Министерството за труд и социјална политика (МТСП), по денешната средба со претставници на Иницијативниот одбор на пензионери на Македонија, информира дека сите барања кои им биле доставени ќе бидат разгледани и заедно во дијалог со Сојузот на пензионери ќе се креираат понатамошните политики и мерки за пензионерите со посебен акцент на оние со пониски пензии, а во насока на обезбедување на достоен живот за сите граѓани.

На средбата со министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, претставниците на Иницијативниот одбор на пензионери, како што информираат од МТСП, ги изнеле своите барања меѓу кои, линеарно зголемување од 3.500 денари на сите пензии, како и продолжување на усогласување согласно новата методологија воспоставена минатата година, одредување на минималната пензија во износ 80 отсто од минималната плата, зголемување на надоместокот за мобилност и туѓа нега и гарантирана минимална помош.

Од МТСП, посочуваат дека Тренчевска ги ислушала барањата, по што се отворила дискусија околу истите, при што, министерката истакнала дека пензионерите и унапредувањето на квалитетот на живот на нашата највозрасна категорија на граѓани, е приоритет на оваа Влада, и дека за тоа потврдуваат фактите дека од доаѓањето на оваа Влада, прво што беше отворено е прашањето за порастот на пензиите и обезбедувањето на достоен живот за сите.

– Минатата година низ транспарентен процес заедно со Сојузот на пензионери и Партијата на пензионери ја донесовме новата методологија која обезбедува усогласување со трошоците за живот и просечната плата. Тоа е најреалниот пораст на пензиите. Тоа е системско решение кое овозможува постојан раст на пензиите, рече Тренчевска.

Со последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година, и воведувањето на  новиот начин на усогласување на пензијата, со усогласување со комбиниран модел од 50 отсто пораст на просечната плата и 50 отсто пораст на трошоци на живот пензиите пораснаа за околу 21 отсто. Првото усогласување  во септември 2022 година беше 6.8 отсто, второто во март 2023 година  – 8.4 отсто и моменталната проекција за септември 2023 година- најмалку 6 отсто. Заедно со усогласувањето во јануари 2022 година тоа е раст за околу 24 отсто од доаѓањето на овој владин состав, посочуваат од МТСП.

– Во 2022 година, месеците март, април и мај, сите 330.000 пензионери добија финансиска помош од 3000 денари, а пензионерите со ниски пензии беа дел и од пакетот финансиска помош за ранливи категории на граѓани односно добија помош од 3.000 и 6.000 денари во зависност од висината на пензијата.

Владата продолжува и со субвенционирање на електричната енергија за сите граѓани, вклучително и пензионерите. Пензионерите со ниски пензии преку Министерството за економија, можат да добијат субвенции за електрична енергија до 1.000 денари, посочуваат од МТСП.

Тренчевска, се вели во соопштението, исто така, потенцираше дека со добри политики и домаќинско работење се обезбедува стабилност на Пензискиот фонд и пензионерите ги добиваат пензиите редовно и предвреме.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Минимална пензија од 18.000 денари е неправедно, линерано зголемување е неуставно, вели Тренчевска за барањето на пензионерите

Пензионерите бараат линеарно зголемување на пензиите, а минималната да биде еднаква на минималната плата

Фото: МТСП

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пожарот во Мариово тежок за гаснење, ситуацијата е критична

Редакција

Обвинителството бара лицето приведено за инцидентот во Ѓорче Петров да биде пуштено, бидејќи ДНК трагите во возилото не се негови

Редакција

За 2,6 пати повеќе нови случаи на Ковид-19 во Македонија споредено со минатата недела

Редакција