еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Сите детали: Ќе има споени предмети, објавени новите наставни програми за второ и за петто одделение

Компјутер, проектор, дигитални уреди (фотоапарат, телефон, телевизор, ЦД уред), но и сложувалки, логички плочки, игра „Не лути се човече“, градинарски алат, прибор за лична хигиена и хигиена во домот. Ова е само дел од опремата и средствата кои ќе им бидат потребни од септември на второодделенците во училиштата низ државата, за да можат наставниците да ја реализираат наставната програма по предметот Општество, согласно новата Концепција за основно образование, пишува Мета.

Бирото за развој на образованието неодамна ги објави наставните програми за предметите во второ и петто одделение, а во меѓувреме се чека Министерството за образование и наука да ги испечати новите учебници за овие предмети.

Новите правила на учење започнаа да се применуваат лани, кога беа воведени само во прво и во четврто одделение.

Наставните програми за второ и за петто одделение, содржат низа новини. Така, во онаа за предметот Општество за второ одделение, во подрачјата Дигитална писменост, Личен и социјален развој, Техника и технологија, наведено е дека ученикот ќе треба да знае и умее да процени кога и на кој начин за решавање на некоја задача/проблем, е потребно и ефективно користење на ИКT.

Потоа, треба да знае да определи какви информации му/ѝ се потребни, да најде, избере и преземе дигитални податоци, информации и содржини.

„Ученикот треба да ги идентификува различните компоненти на сопствениот идентитет кој се гради врз основа на припадноста на различни социјални групи (на пример: родов, етнички и национален идентитет) и на различните улоги кои ги има во животот (на пример: ученик, син/ќерка).

Да прави процена на сопствените способности и постигања (вклучувајќи ги силните и слабите страни) и врз основа на тоа да ги определува приоритетите кои ќе му/ѝ овозможат развој и напредување.

Да ги препознава емоциите кај себе и кај другите, да ги согледа последиците од сопствените емоционални реакции во различни ситуации и да користи соодветни стратегии за справување со емоциите“, наведено е во наставната програма по предметот Општество за второ одделение.

Споени предмети во петто

Она што е ново, е што од следната учебна година, петтоодделенците ќе имаат нови предмети, кои, според она што е наведено во наставната програма, е спој од два предмети. Така, нов предмет им е Историја и општество, како и Техничко образование и информатика.

По Историја и општество ќе учат за поединецот и општеството, за населението и континентите, како и за праисторијата и историјата. За тоа, на часовите ќе користат дигитални паметни (смарт) уреди, учебник, енциклопедии, речници, географски атлас, физичко-географска карта на светот, политичко-географска карта на светот, визуелни прикази за карактеристиките на населението на континентите (боја на кожа, традиција), сложувалки со слики од главните градови на поголемите држави во светот и други прикази и нагледни средства.

Во подрачјето Општество и демократска култура, наведено е дека „ученикот треба да знае да ги идентификува и почитува сите национални симболи на државата РС Македонија и да манифестира чувство на припадност кон државата“.

„Ученикот треба да ги идентификува географските карактеристики на континентите, регионите и државите во светот и да ги поврзува со нивниот општествен развој. Да ја објаснува важноста на демократските процеси во општеството и да ги применува принципите на демократско учество во рамките на училиштето. Да ги анализира и дискутира одговорностите на извршната, законодавната и судската власт во правната држава и улогата на државата во заштитата на човековите права.

Да идентификува ситуации во кои граѓаните можат да влијаат врз животот во заедницата и да се ангажира за подобрување на состојбите. Да препознава ситуации на злоупотреба на моќта, да го објаснува штетното влијание на корупцијата врз единката, групата и општеството и да се спротивставува на ваквите појави во опкружувањето“, наведено е во документот.

Наставникот обезбедува инклузивност

Наставникот обезбедува инклузивност преку вклучување на сите ученици во сите активности за време на часот, пишува во наставната програма по Историја и општество за петто одделение.

„Притоа, овозможува секое дете да биде когнитивно и емоционално ангажирано преку користење на соодветни приоди (индивидуализација, диференцијација, тимска работа, соученичка поддршка).

При работата со учениците со попреченост применува индивидуален образовен план (со прилагодени резултати од учење и стандарди за оценување) и секогаш кога е можно користи дополнителна поддршка од други лица (лични и образовни асистенти, образовни медијатори, тутори волонтери и професионалци од училиштата со ресурсен центар).

Редовно ги следи сите ученици, особено оние од ранливите групи, за да може навремено да ги идентификува тешкотиите во учењето, да ги поттикнува и поддржува во постигнувањето на резултатите од учењето“, наведено е во документот.

Во него стои дека додека ги реализира активностите, наставникот еднакво ги третира и момчињата и девојчињата, при што води грижа да не им доделува родово стереотипни улоги.

„При формирање на групите за работа настојува да обезбеди баланс во однос на полот. При избор на дополнителни материјали во наставата користи илустрации и примери кои се родово и етнички/културно сензитивни и поттикнуваат родова рамноправност, односно промовираат интеркултурализам“, се додава во програмата.

Оценката – склоп од целокупниот труд 

За да овозможи учениците да ги постигнат очекуваните стандарди за оценување, наставникот континуирано ги следи активностите на учениците и нивното учество за време на поучувањето и учењето и прибира информации за напредокот и постигањата на учениците.

„Наставникот ги следи и оценува усните одговори на прашања, придонесот во групните активности, учеството во истражувањата, изработката на проектите, одговорите на квизови кои се дел од поучувањето, придонесот во изведување на заклучоците, работните листови, домашните задачи, практичните изведби. На крајот од учебната година ученикот добива бројчана оценка“, наведено е во програмите за петто одделение.

Смарт табла, пијано, звучници во кабинетите по музичко

Клавир, пијанино или електрично пијано, смарт табла, телевизор, компјутер со пристап до Интернет, квалитетни звучници, ЦД и ДВД уред, ЛЦД проектор, се само дел од уредите кои треба да ги има во специјализираната училница (кабинет) по музичко за петто одделение, пишува во наставната програма.

„Освен тоа, треба да има и детски ритмички инструменти – тапани во различни големини, тропалки, ритмички стапчиња, кастањети, гонг, чинели, ксилофон, триангл, маракас, дајре. Потоа, печатени материјали (прирачници, магазини, весници), дводимензионални отпечатоци − непроектирани (слики, фотографии, постери, илустрации)“, наведено е во документот.

Не се малку на број и реквизитите кои мора да ги има и во спортските сали во државата, наменети за часовите по Физичко и здравствено образование. Така, наведено е дека треба да има гимнастички душеци, атлетски сталки, атлетски душек, школски стартни блокови, ниски препони.

Потоа, помали и поголеми топки, тениски топчиња и топки за спортски игри (ракометни, кошаркарски, одбојкарски и фудбалски − прилагодени на возраста). Медицинки од 1 кг, 2 кг и 3 кг, како и обрачи, јажиња, ниски и високи чуневи – маркери за подлога, конусни маркери, справи од спортска гимнастика (вратило, разбој, двовисински разбој, алки), но и шведски сандак, рипстоли, шведска клупа, координациски скали, ниска греда, мал „јарец“, отскочна даска, морнарски скали, шведски скали, висечки јажиња, јаже за влечење.

Неопходно е да има и ниски кошови, мали и големи ракометни голови и ниска одбојкарска мрежа, како и штоперица, сантиметарска пантлика, вага со висинометар.

Мета/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Сателитски снимки од разурнатите украински градови Мариупол, Ирпин и Чернив

Редакција

Цената на акцијата на Алкалоид за девет месеци порасна за 14,8%

Редакција

Осумдневен притвор за петмината приведени за нападите врз полицајците во тетовска Мала Речица

Редакција