Од денеска почнува да се реализира Ковид 3 бескаматната кредитна линија со грант компонента преку Развојната банка. Јавниот повик е отворен за поднесување кредитни барања од денес до 30 декември 2020 година заклучно со 23:59 часот, информираа на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Развојната банка, Кире Наумов.
Како што информираше министерот Бектеши, третата бескаматна кредитна линија се реализира со финансиска поддршка од Европска Унија преку активноста ЕУзаОтпорност од ИПА програмата во вкупен износ до 30 милиони евра и со буџетска поддршка од Министерството за економија во износ од еден милион евра.
„Кредитната линија се однесува за микро и мали трговски друштва, трговци поединци и занаетчии чие работење е погодено од Ковид-19, а се мери преку падот на приходите од најмалку 20 отсто.
А во делот на грант-компонентата оваа кредитна линија се однесува за фирми основани од жени, како и млади лица и извозно ориентирани компании, како и компании кои работат на проекти за зелена економија, дигитализација, и слично.
Ова е многу важна вест за домашните компании, бидејќи ние во континуитет работиме за подобрување на нивната конкурентност и освојување на нови пазари. Заедно со Развојната банка ќе работиме оваа кредитна линија да биде целосно искористена, со оглед на тоа што од почетокот на аплицирањето интересот е голем“, рече Бектеши.
Директорот на Развојната банка на Северна Македонија, Кире Наумов пак информираше дека од денеска, па во наредните 15 дена е отворена е-маил адресата [email protected] за електронско аплицирање, а интересот е огромен кај компаниите што се гледа по исклучително високиот број на е-маил пораки испратени кон Развојната банка.
„Поради потребното време за да пристигнат барањата до нас, автоматските пораки за потврда за пристигната порака беа со задоцнување кон кредитобарателите.
Ова пак предизвика, оние кои испратиле документи, а не добиле автоматска порака да продолжат да го препраќаат истиот мејл повеќепати. Обемот на е-маил пораки испратени кон [email protected] е најмалку осум пати над интересот покажан за Ковид 2 кредитната линија.
Меѓу кредитните барања има и такви кои доаѓаат од субјекти кои за жал, не спаѓаат во таргетот на кредитната линија и не се микро и мали трговски друштва, трговци поединци или занаетчии,“ рече Наумов.
Тој упати апел до кредитокорисниците кои што веќе аплицираа да направат проверка дали имаат повратна порака и доколку немаат да проверат дали ги имаат прикачено сите прилози во е-маил пораката согласно упатството објавено на веб-страната на Развојната банка.
Како што информираа министерот Бектеши и директорот Наумов, кредитите ќе бидат без камата, со 3 години рок на отплата и вклучен грејс до 6 месеци, а ќе може да се користат за набавка на основни и обртни средства заради непречено финансирање на тековните активности и потребата од обртен капитал на субјектите.
Според условите на оваа кредитна линија Ковид 3, минимален износ на кредит за кој ќе може да се поднесе барање е 3.000 евра, а максималниот износ изнесува 5.000 евра за трговец поединец и занаетчија; и 15.000 евра за микро и мали трговски друштва, (ДОО, ДООЕЛ и слично).
Она што ја прави третата бескаматна кредитна линија различна е грант компонентата од 30% која корисниците на кредит од Ковид 3 можат да ја добијат.
Грант компонентата се однесува на четири категории субјекти, и тоа:
– Прва категорија субјекти се оние кои се управувани од жена, или пак имаат во сопственичката структура жена или жени со учество од најмалку 50%.
– Втора категорија субјекти се оние кои се управувани од млади лица до 29 години согласно европската дефиниција за млади, или пак имаат млади во сопственичката структура од најмалку 50%.
– Трета категорија субјекти се извознички компании, кај кои учеството на приходите од странство во вкупните приходи е најмалку 50%.
– И четврта категорија е најширока, а се однесува на субјекти кои реализираат активности, односно проекти во областа на зелена економија, модернизација и дигитализација на деловните процеси преку набавка на опрема или воведување нов начин на продажба, како и иновација од аспект на воведување на нови производи и нови услуги.
Правото на грант можат да го остварат кредитокорисниците на Ковид 3 по отплата на 50% од износот на кредитот, со поднесување на барање за грант до Развојната банка.
МИА