Откако објавивме дека ќе го одржиме првиот „Скопје Прајд“, евидентни беа обидите со омраза да се засени пораката за еднаквост и да се потцени можноста за зголемување на свесноста за хомофобијата, трансфобијата и бифобијата, порача Кочо Андоновски на денешната прес конференција на Организациониот одбор на првата Парада на гордоста во Скопје.
“Но и покрај тоа, добивме голема поддршка и многумина нè контактираат да ни кажат дека ќе дојдат со нас на 29-ти јуни, да го изодиме маршот – во спомен на сите борци за човековите права на ЛГБТИ заедницата во минатото, со поддршка на сите маргинализирани групи и борци за човековите права во оваа дестабилизирана сегашност и со идеја за општество каде сите ќе се еднакви – за идните генерации“, рече тој.
Јована Јовановска информираше дека стартната точка на 29 јуни е паркот Жена борец во 11 часот, а маршот ќе започне точно на пладне. На самиот настан учесниците ќе добијат алка од Скопје Прајд, со која секој ќе може слободно да се движи во и надвор од определениот простор.
Јовановска посочи дека на крајната точка, Школка во Градски парк, за програмата ќе бидат задолжени дрег кралиците Линда Социјалиста и Каја Мор.
Покрај предвидените обраќања, ќе има и музичка програма во која ќе учествуваат Тамара Тодевска, Принцез Донатсу и диџеите Ивана Драгшиќ, Зоки Бејбе, Ири Скреч, Ана Мало и Узун Баба.
Антонио Михајлов од Организацискиот одбор рече дека во организацијата на Парадата на гордоста ја имаат поддршката и од извршната и законодавната власт.
„Имаме најава дека дел од министрите и пратениците ќе учествуваат на самиот настан, а свое обраќање ќе има министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Нашите пријатели и пријателки – активистите и активистките за ЛГБТИ права од Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора исто така ќе учествуваат, а дел од нив и ќе се обратат на насобраните присутни во Градски парк.
Скопје Прајд е сигурен и безбеден настан за сите, па ги повикувам ЛГБТИ луѓето, поддржувачите, и сите граѓани и граѓанки кои се залагаат за еднаквост и инклузивност, да ни се придружат“, рече Михајлов.
Организациониот одбор на „Скопје Прајд“ ја нагласи добрата соработка со Министерството за внатрешни работи во изминатиот период. Во таа насока, на прес конференцијата се обрати и портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски кој нагласи дека се преземаат сите мерки за сè да помине во најдобар ред и дека МВР ќе санкционира какви било инциденти.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(ВИДЕО) И Македонци на Парадата на гордоста во Солун
Фото: Фејсбук/Skopje pride