Судењето за изборни нерегуларности „Титаник“ на СЈО продолжува на 5 ноември откако на денешното рочиште беа преслушани околу 90-тина аудио снимки предложени од Обвинителството.
За случајот „Титаник“ СЈО има предложено над илјада таканаречени бомби, а на досегашните рочишта преслушани се нешто повеќе од 700 разговори.
Јавна опомена попладнево доби обвинетиот Никола Груевски откако по паузата судијата Осман Шабани констатираше дека Груевски не е присутен во судницата, а судот не е известен за причините на што адвокатката Сања Алексиќ кажа дека разговарала со него и оти тој е на влез во судот.
Преслушаните разговори на денешното рочиште беа направени во деновите по локалните избори на 24 март 2013 година и се однесуваат на тоа како екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски прави база на 15.000 гласачи кои ќе го поддржат Тодоровиќ во општина Центар.
Во еден од разговорите Јанакиески, од женска личност, бара список на вработени во јавна и државна администрација што живеат во Центар. Откако таа го прашува како да им каже од околу, Миле и вели „директно, како од околу, војна е во Центар“.
Од разговорите се слуша како Миле Јанакиески, освен администрација, акцијата ја организира и по фирми, такси компании, лица што користеле грантови за самовработување, луѓе што ги знаат и други „гласачи од Центар“, каде може да се притисне за гласови.
Во дел од бомбите што се слушаа денеска поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска како разговара со машка личност, што и вели дека има 45 со имиња и презимиња од Крњево што ќе гласаат, но барале тројца да бидат вработени.
Во разговори од 2 април 2013 година, се слуша како Јанакиески договара четири чартер лета, три од Тревизо Италија и еден од Цирих Швајцарија, за како што вели 400 гласа. Подоцна, во еден од разговорите, го информираат дека за чартер летови од Цирих ќе треба да дадат 190 илјади евра, односно 70 илјади за авион со 100 и 120 илјади за авион со 230 патници. Соговорникот бара да му кажат јасно дали да договара, на што Миле му вика букирај и прати ми податоци.
Во „Титаник“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
МИА