Министерот за економија Крешник Бектеши, за „Утрински брифинг“ информираше дека на следната седница на Владата на дневен ред ќе се најде новиот Закон за заштита на потрошувачите каде што точно ќе биде регулирано кои се чесни, а кои се нечесни практики кај ланците на маркети и тоа ќе биде санкционирано.
„Во вторник на седница на Владата ќе се усвои Предлог закон за заштита на потрошувачите каде казните ќе бидат многу високи за сите нечесни практики кои се на штета на потрошувачите. Според постојното законско решение казната може да дојде до 5.000 евра, а отсега казните нема да бидат само парична.
Има компании кои заработуваат и по 80 отсто на одредени производи и им се исплатува да платат казна и да продолжат со истата нечесна практика. Сега веќе, со новото решение ќе се соочат и со друг тип на казни, ќе има затворање на компании, јавно ќе ги обравиме компаниите, а ќе има и забрана за вршење дејност, кажа Бектеши и потенцираше дека ова законско решение е целосно усогласено со европската регулатива.