еМагазин
Image default
Бизнис

Со субвенции на придонесите зголемени платите на 44.940 работници, во просек за 4.100 денари

Со мерката за субвенционирање на придонесите поради покачување на платите 44.940 работници во реалниот сектор добиле зголемена плата. Во просек платите на овие вработени се зголемени за 4.100 денари.

„Оваа мерка дава одлични резултати, 44.940 работници во реалниот сектор добиле зголемување на плата со оваа мерка која законски е гарантирана и согласно со која работодавачките се ослободени од плаќање придонеси за зголемување на плата од 600 до 6.000 денари. За ноември просечно овие 44.940 работници добиле зголемување од 4.100 денари“, рече на денешната прес-конеференција министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Во реалниот сектор, додаде таа, има 490 илјади работници, така што овде зборуваме за зголемување на платите кај девет отсто од нив.

Таа очекува до февруари бројката на работници кај кои е зголемена платата да се искачи на 20 проценти од вкупно вработените во бизнис-секторот.

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, потенцира дека одобрувањето на субвенциите било мошне едноставно за работодавачите преку целосно автоматизиран процес.

„Во УЈП 422 работодавачи за октомври пријавиле зголемување на платите за своите работници за 6.584 лица користеле право на субвенции на придонеси во износ од 6.474 587 денари, додека за ноември оваа бројка е повисока и 7.613 работодавачи искористиле субвенции во висина од 77.573. 565 денари за 44.940 работници“, информира Лукаревска.

Како што додаде, и при зголемување на минималната плата од 12.500 на 14.500, иако се пресметуваат и плаќаат исти придонеси, сепак е предвидено субвенционирање на придонеси пресметани на разликата на зголемувањето на платите.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија апелираше компаниите без страв и колебање да ја искористат оваа мерка и во образецот да ги обележат работниците за кои бараат субвенција.

„Фирмите најчесто се плашат дека потоа ќе имаат контроли или мислат дека ќе имаат обврски какви имаа со поранешните закони. Овој закон не прави притисок и товар, само олеснува“, рече Димитров.

Појасни дека работодавачите со законот не се обврзани дали и натаму ќе ја зголемуваат или намалуваат платата, дали ќе се намали бројот на вработени.

„Нема да имате последици, немате никакви други обврски освен тоа што законот ве охрабрува да ја покачите платата, а придонесите кои се 42 отсто од нето зголемувањето го плаќа државата на фондовите и АВРМ“, појасни тој.

Барањата за субвенционирањето работодавачите ги поднесуваат преку месечната пресметна за интегрирана наплата до УЈП, каде проверуваат дали условите се исполнети и прават пресметка за износот на субвенционирани придонеси.

Субвенционирањето се врши директно во пресметката со намалување на износот на придонеси за плаќање. Пресметката на утврдување на износот на придонесите, како и намалување на износот на плаќање е целосно автоматизирана процедура со што работодавачите на наједноствен начин да можат да го остварат правото.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Македонската берза барала од „Гранит“ информации за порастот на акциите

Редакција

ЕСМ склучи договор со „Пескара вел“ вреден 562,4 илјади евра

Редакција

„Виз ер“ лани реализирал 10.000 летови од и до Македонија, летале 2,2 милиони патници

Редакција