Рочиштето за случајот „Жан Митрев“ насрочено за 4 септeмври се отповикува, бидејќи обвинетиот Жан Митрев е спречен да присуствува на рочиштето поради здравствени причини, информираат од Основен кривичен суд – Скопје.
– Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат главната расправа за предметот со К.бр. 349/23 поврзан со ПЗУ Клиничка болница „Жан Митрев“ насрочена за 04.09.2023 година, ја информираме јавноста дека расправата се отповикува со оглед да до судот е доставен поднесок со прилог медицинска документација дека обвинетиот Ж.М. е објективно спречен да присуствува на рочиштето поради здравствени причини, стои во соопштението од Кривичен суд.
Како што дополнуваат, расправата ќе продолжи на следниот, веќе насрочен термин, на 2 октомври 2023 година во 12 часот.
Судењето требаше да продолжи со испитување на сведоци на предлог на обвинителството.
Предметот е оформен по допрен глас, откако минатата година се објави документарец во кој се тврди дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми пари за хемофилитрација при лекување од Ковид-19, по што беше отворен и предметот во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
Како што информираа од ОЈО – Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.
Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева.
МИА/Фото: клиника Жан Митрев