Светска банка во најновиот извештај прогнозира раст на македонската економија за годинава од 3,6 отсто и за наредната од 3,5 проценти.
Од земјите во регионот најголем раст за оваа година е предвиден во Црна Гора од 7,1 отсто, потоа Србија од 5, Албанија 4,4, Косово 4 и Босна и Херцеговина од 2,8 проценти.
За 2022 година Светската банка прогнозира раст на економијата во Црна Гора и Косово од по 4,5 отсто, во Србија и Албанија по 3,7 и по 3,5 проценти за Северна Македонија и Босна и Херцеговина.
Светската банка посочува дека на стартот на 2021 година економиите на Западен Балкан се едни од најтешко погодените од коронавирусот во Европа и Централна Азија, со најголем број на случаи на новозаболени во еден ден, со што далеку го надминуваат просек на европско – централноазискиот регион.
Банката додава и дека Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија се меѓу 10-те земји во развој со најголем број смртни случаи од Ковид-19 по глава на жител, што дополнително ги оптоварува здравствените системи.
– За повеќето економии од Западниот Балкан не се очекува масовната вакцинација да започне пред вториот квартал од 2021 година, што е побавно отколку што првично се очекуваше, бидејќи овие земји чекаат испорака на вакцини преку КОВАКС механизмот на Светската здравствена организација, се наведува во Извештајот, при што се додава дека доставата на вакцините е одолговлечена поради доцнење во производството и дистрибуцијата.
Според Светската банка, просечниот раст на економиите од Западен Балкан во 2021 година се очекува да биде на ниво од 4,4 проценти, а догодина да се сведе на 3,7 отсто, под претпоставка дека ќе дојде до обнова на потрошувачката и бизнис довербата, дека состојбата со пандемијата со Ковид-19 ќе биде ставена под контрола и дека ќе се намали политичката нестабилност.
– Економиите зависни од туризмот, особено Албанија и Црна Гора, ќе продолжат да се соочуваат со ограничувањата за меѓународните патувања. Зголемувањето на фискалните обврски го намали просторот за фискална поддршка и придонесе за макроекономски дисбаланс.
Во исто време, државните буџети дополнително ќе бидат отоварени со дополнителни трошоци неопходни за надминување на штетните економски ефекти од пандемијата на Ковид-19, се оценува во извештајот.
Банката проценува дека поволни услови за економскиот раст на среден рок и за зголемување на продуктивноста во Албанија и Северна Македонија ќе имаат забрзувањето на структурните реформи како дел од подготовката за членство во ЕУ, под претпоставка дека стартот на преговорите нема да биде одложен.
– Се очекува и регионот да имаат корист од неодамна усвоениот Економски и инвестициски план на ЕУ, кој ќе мобилизира средства за поддршка на одржливата поврзаност, човечкиот капитал, конкурентноста, инклузивниот раст и зелената и дигитална транзиција, се додава во Извештајот.
МИА