еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

„Трчи лажи“ демократија: Како референдумот од обврзувачки стана консултативен?

Македонските граѓани навикнаа на манипулации од владејачките гарнитури без оглед на тоа дали се тие предводени од СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, а најдобар показател за тоа е вчерашната прес-конференција на премиерот Зоран Заев по лидерската средба на која тој објави дека се разговарало за референдумот за името да биде консултативен наместо обврзувачки и прашањето да гласи: “Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“.

Со тоа се остварија неофицијалните срамежливи најави од власта по потпишувањето на договорот меѓу Македонија и Грција дека се разгледуваат можностите референдумот да биде консултативен или пак да се намали цензусот за негова успешност и покрај тоа што повеќе функционери од Владата сто пати досега повторија дека последниот збор за името ќе го имаат граѓаните на референдум.

Станува очигледно дека Владата се уплаши од мислењето и волјата на народот, кој не излезе на прославата за поканата од НАТО и дека всушност картата на која сега се игра е неуспешност на референдумот со што таа би имала одврзани раце прашањето на името да го реши во Собранието.

Граѓаните треба да очекуваат во следниот период да има тежок пазар меѓу Владата и опозицијата, бидејќи најверојатно ќе и треба дво-третинско мнозинство во Собранието за да го протне договорот за името. Како тргнала работата, не треба да се исклучи и можноста со амнестија на највисоките политичари на ВМРО-ДПМНЕ, обвинети од Специјалното јавно обвинителство да се заклучи целиот процес.

Неизбежен е заклучокот дека работата со промената на името е веќе завршена работа и дека тоа е договорено на некои повисоки инстанци за што најдобро говори изјавата на посредникот на ОН, Метју Нимиц пред да биде потпишан договорот меѓу Македонија и Грција, кој отворено кажа дека нема веќе време за одложување и дека проблемот со името мора сега да се реши.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детален преглед: Што пишува во Законот за амнестија за крвавите настани во Собранието?

Редакција

Ќе се укине ли амнестијата за хашките предмети?

Редакција

(Галерија) Комерцијална банка за прв пат отвори целосно дигитализирана експозитура

Редакција