Три бугарски телевизии со различна програмска содржина од денеска се присутни во македонскиот медиумски простор. Дозволата за емитување во земјава ја добиле пред две недели, а во моментов може да се гледаат на територијата на Општина Струмица преку кабелскиот оператор Нет кабел. Во преговори се и со останатите локални кабелски оператори за емитување преку нивната мрежа на територијата на целата држава.
Станува збор за „Европа“, првата бугарска телевизија за вести, „Велнес“, првата бугарска и европска велнес телевизија посветена на спорт, здрава исхрана и развојот на децата и „Туризам“, телевизија која нуди информации за туристичките понуди и дестинации.
Како што истакна програмскиот директор на „Европа“, Љубомир Попов на денешната презентација во Скопје, приватната телевизија постои веќе 18 години и 24 часа во денот, на секои 30 минути, нуди вести од Бугарија, Европа и светот, со акцент на вести од Европа, како и спортски вести од целиот свет на секој час.
Во телевизијата работат околу 100 лица и има од 20 до 25 дописници од Бугарија и 10 од Европа. Се емитува преку кабелски оператори и преку сателит. Во моментов телевизијата ја следат од 600 до 700 илјади гледачи во Бугарија, а визија им е да достигнат до еден милион и се надеваат дека присуството во македонскиот етер ќе им помогне во тоа. Во скоро време планираат да отворат и студио во Скопје.
Основачот на „Велнес“, Иван Тодоров посочи дека телевизијата постои од 2015 година и емитува програма во Бугарија и Хрватска, од почетокот на годинава во Украина, а од неодамна и во Македонија.
-Отворете очи за подобар живот е нашето мото и се надевам дека тоа ќе го донесеме во вашиот дом, порача Тодоров.
„Туризам“ веќе 10 години постои во бугарскиот медиумски простор и обезбедува информации за сите видови на туристички услуги и да ги промовира новитетите во областа на туризмот во Бугарија и во светот. Телевизијата нуди над 50.000 часови документарна програма за повеќе од 10.000 туристички локации и дестинации.
-Сметаме дека „Туризам“ ќе биде еден од мостовите меѓу двете земји за нашиот заеднички пат кон Европа – порачаа од таму.
МИА