Три медицински сестри од одделенијата за анестезиологија, хирургија и хирушки сали од штипската Клиничка болница од денеска се во изолација.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека изолирањето на трите медицински сестри доаѓа по направената епидемиолошката анкета на лекарот и болничарката, кои работеле на Инфективното одделение.
„Трите медицински сестри имале контакти со заразениот лекар од Неврохирургија, кој беше анагажиран во системот за ротации за работа на Инфективното одделение. Од вчера во изолација е и неговиот колега од ова одделение“, вели Ѓеорѓијев.
Останува и понатаму проблемот со недостиг на инфектолози. Во моментов на одделението, кое е од регионален карактер, работат само двајца инфектолози, а третиот е на боледување.
Но, како што вели Ѓеорѓијев, проблемите ги надминуваат со ангажирање на лекарите специјалисти од другите одделенија, кои им помагаат на инфектолизите.
Во врска со состојбата со коронавирусот во Затворот во Штип, таму деветтмината изолирани осуденици до денеска немаат појавено симптоми, нивната состојба во моментов ја следи медицинскиот техничар, а лекарот го чека резултатот од тестирањето, кој бил во контакт со заразениот осуденик.
Доколку тестот на лекарот се покаже позитивен, во тој случај директорот на Затворот во Штип, Мики Тодоров вели дека од страна на ЈЗУ Здравствен дом „Панче Караѓозов“-Штип треба да се анагажира друг лекар, кој ќе се грижи за здравјето на осудените лица.
Направена е и реорганизација во самиот затвор, по вчерашниот прв позитивен случај на коронавирусот, кај осуденик.
МИА