По денешниот 11-ти состанок на општинскиот кризен штаб на Тетово, градоначалничката Теута Арифи потенцираше дека постојат три нови кластери кои се поврзани со претходните места со концентрација на заболени со Ковид-19. Таа не ги посочи местата, но ги соопшти бројките по општините.
„Вкупниот број на дијагностицирани е 116, а само денес седум. Од вкупниот број се излечиле 50 лица, а 10 починале. Во Општина Тетово има 50 заболени од кои две починати, Боговиње 40 (пет починати), општина Теарце шест лица, општина Брвеница 10 лица (починат еден) општина Јегуновце четири лица и Желино шест заразени (починаа две лица).
Имаме идентификувано три нови кластери, три нови адреси ако можам да кажам. Другите случаи се дел семејно, пријателски, колегијално, поврзани со старите кластери“, потенцираше Арифи.
Таа вели дека иако има тренд на намалување на бројот на заболени низ државата, за регионот се уште нема да има повлекување на мерката со која се забрани јавен превоз со комби и автобуси кон градот.
Од друга страна нема одговор од општината дали се санкционираат оние кои се превозници без лиценци, а кои не престанаа со превезувањето на луѓе.
„Свесни сме за потешкотија за граѓаните и проблемот за сите нас, но сакам да го подвлечам фактот дека таа мерка може да се укине само по барање на комисија за заразни болести. Се додека не се створат услови нема да предложат да има либерализација на мерката. Ние како општински штаб сме за либерализација, но граѓаните да бидат построги кон себе за да имаме намалување на број на инфицирани“, рече Арифи.
Градоначалничката рече дека анализите покажале дека непримерната комуникација без социјална дистанца е најчеста причина за нови заболени.
МИА/Фото: Општина Тетово
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во Прилеп две новозаболени лица од корона вирусот, во моментов 58 активни случаи
Убава вест: Во Велес втор ден нема регистрирано нови случаи со корона вирусот