ТТК Банка АД Скопје забележа позитивен финансиски резултат, темелен на здрава основа и во согласност со амбиентот. Заклучно со 30.6.2022 година, финансискиот резултат изнесува 41,1 милиони денари, што претставува повисок резултат за 1,2% во однос на истиот период минатата година, информира Банката преку Македонската берза.
„Нето-приходите од камати претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето на Банката. Остварените нето-приходи од камати во периодот од 1.1.2022 до 30.6.2022 година изнесуваат 118,8 милиони денари и во однос на планот се остварени со 99,4%.
Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во тековниот период изнесуваат 98,1 милиони денари и бележат зголемување за 5,8% во однос на претходната година, што e резултат во најголем дел на зголемените приходи од провизии од новопонудените услуги преку проширената мрежа на банкомати и зголемениот обем на работењето со Mastercard® картичките, како и од поволните движења во понудата и реализацијата на услугите во областа на платниот промет од секторот стопанство и брокерското работење. Во однос на планот за овој период, нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги се остварени со 102,1%.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 6,4 милиони денари и бележат годишен раст од 21,7% како резултат на зголемениот обем на тргувања на девизниот и на менувачкиот пазар. Во однос на планот се остварени со 104,1%.
Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 28,3 милиони денари и се повисоки за 35,2% во однос на минатата година, како резултат во најголем дел од поголемиот износ на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземени средства. Во однос на планот се остварени со 47,7%.
Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 178,2 милиони денари и се за 8,4% повисоки во однос на истиот период минатата година, како резултат во најголем дел од зголемените материјални и административни трошоци и од повисоките трошоци за плати. Во однос на планот се остварени со 98,8%.
Во споменатиов период, исправката на вредноста на финансиските средства и на посебната резерва за вонбилансна изложеност на нето-основа изнесува 24,2 милиони денари и е пониска за 22,7 милиони денари или за 48,4% во однос на 30.6.2021 година, како резултат на подобрениот квалитет на кредитното портфолио.
Во текот на првото полугодие од 2022 година прокнижена е загуба заради оштетување на нефинансиските средства во износ од 6,6 милиони денари“, велат од Банката.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Како работеше ТТК Банка во првите три месеци од годинава
ТТК Банка лани работела со добивка