Стопанска банка АД – Скопје ќе изврши исплата на аванс на дивиденда за обичните акции за првата половина од 2018 година во бруто износ од 73 денари по акција и аванс на дивиденда за приоритетните акции за првата половина од 2018 година во бруто износ од 5 денари по акција, соопшти банката преку Македонската берза.
„Се известуваат акционерите на Стопанска банка АД – Скопје дека Банката ќе врши исплата на аванс на дивиденда за обичните и приоритетните акции за за првата половина од 2018 година врз основа на следниот дивиденден календар:
Датум на евиденција според кој се определува листата на акционери кои имаат право на дивиденда, односно датум на пресек на Акционерската книга, е 26.12.2018 година.
Последен ден на тргување со право на дивиденда е 24.12.2018 година. Прв ден на тргување без право на дивиденда е 25.12.2018 година. Исплатата на дивиденда ќе започне од 27.12.2018 година“, соопшти банката.
Оттаму додаваат дека дивидендата ќе се исплати на имателите на обични и приоритетни акции на трансакциските сметки кои имателите ги имаат во Стопанска банка АД – Скопје.
„Со цел ефикасна исплата на дивидендата, се повикуваат сите иматели на обични и приоритетни акции кои немаат трансакциска сметка во Стопанска банка АД – Скопје во денари, а кои имаат право на дивиденда, да се обратат во една од филијалите на Стопанска банка АД – Скопје со цел отворање на трансакциска сметка. Оние акционери – физички лица, кои сакаат да им биде испатена дивиденда во друга банка, треба да дадат “Инструкција за пренос на дивиденда на сметка во друга банка” (најдоцна до пресекот на акционерската книга, 26.12.2018 година), во Дирекција за работа со хартии од вредност и брокерско-посреднички услуги на Банката, со приложување на важечка легитимација и сметка од друга банка (“Инструкцијата” е достапна на веб страницата на Стопанска банка АД Скопје)“, велат од банката.
Исплатата на дивиденда на акционери – правни лица ќе се врши со пренос на средства на нивните сметки во Стопанска банка АД Скопје или во друга банка, со доставување на инструкции за исплата во друга банка од страна на правното лице.
„Се повикуваат акционерите при подигање на дивидендата од шалтерите на Стопанска банка АД – Скопје со себе да носат валиден документ за лична идентификација. Имајки во предвид дека исплатата на дивиденда на физички лица согласно Законот за персонален данок на доход подлежи на пресметка и плаќање на персонален данок на доход, кој пак согласно важечката даночна регулатива, се плаќа преку е-ПДД системот на УЈП од страна на самото физичко лице, се повикуваат сите акционери кои не се внесени во евиденцијата на УЈП како даночни обврзници, да преземат лично соодветни активности за нивно евидентирање во даночната евиденција на УЈП. Ова особено се однесува на малолетните лица и/или други лица кои досега не биле приматели на приход кој подлежи на оданочување од кој било вид во Република Македонија“, соопшти банката.