Операторот „Кепс Монт Грoуп“, што стопанисува со ридот со олово-цинковата троска, од 17 ноември годинава почна со активности за ископ, сеење, товарање и транспорт на техногената минерална суровина од локацијата „Баш колиби“, позната како депонија за оловно-цинковна јаловина на поранешната велешка Топилница за олово и цинк „Злетово“ во Велес, информира на денешната прес-конференција градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
–Операторот на инсталацијата е должен активностите да ги изведува согласно условите и мерките пропишани во Б-интегрираната еколошка дозвола, што им ја издадовме на 2 октомври 2019 година, информира Коцевски.
Појасни дека за почеток операторот треба да извезе 150 илјади тони техногена минерална суровина во Косово и исто толку, 150 илјади тони во Србија.
–Заради актуелната состојба со аерозагадувањето, помеѓу општината и операторот е договорено активностите да бидат минимални и строго контролирани, а на ден да се товарат по четири камиони, појасни Коцевски.
Тој информира дека на локацијата е поставена сепарација и агрегат за обезбедување на електрична енергија, а во скоро време се очекува поврзување на инсталацијата на системот за снабдување со електрична енергија. Нагласи дека Општина Велес е во постојана комуникација со операторот и ја следи состојбата.
Првично пробен контејнер со згура беше изнесен од Црниот рид на 15 јануари годинава и оттогаш работите замреа. Првично беше договорено и најавувано за медиумите дека згурата од велешка Топилница ќе се носи со специјални камиони со кади и покриени со церада до Солун, а оттаму преку брод за Малезија.
Но, сето тоа запре затоа што Малезија од почетокот на годинава забрани увоз на ваков отпад, иако од „Кепс Монт Грoуп“ за медиумите тогаш уверуваа дека тоа за нив не важи и дека пречка се само некои административни процедури.
Фирмата „Кепс Монт Гроуп“ ДОО Скопје во октомври лани почна со подготвителни работи и расчистување на локацијата, односно на Црниот рид од секаков вид комунален и градежен и друг вид на отпад.
Од „Кепс Монт Гроуп“ тогаш информираа дека со анализата на згурата во ЛЏ Лабораторијата во Холандија преку Белградскиот институт и Лабораторијата во Бор, Србија, а во зависност од шаржерот на рудата која се топела и колку таа вешто била стопена, во Црниот рид тежок 1,8 милион тони има 6-9.8 проценти цинк, од 2.2 до 3,4 проценти на олово и железо од 1,25 проценти, како и други метали минимални количества на кадмиум и арсен, а свразни во таканаречена „кристална решетка“ со останатите тешки метали, а поради што и немало опасност по околината од овие метали, информира тогаш Ранко Шчекиќ, менаџер на техничкиот персонал на „Кепс Монт Гроуп“.
Црниот рид од велешка Топилница е една од десетте еколошки жешки точки во земјава кои треба итно да се решат за да се заштити здравјето на граѓаните и да се заштити животната средина.
МИА/Фото: МИА