Министерството за здравство информира дека има набавено за 50 отсто поголема количина вакцини против сезонски грип. Вакцинацијата, како што најавуваат, ќе почне кон средината на октомври.
Од Министерството информираат дека денеска министерот за здравство Фатмир Меџити во Њујорк се сретнал со делегација на Работната група за глобално здравје, предводена од директорот на Партнерството за меѓународни иницијативи за вакцини (PIVI), Џозеф Брези и директорката за комуникации и развој, Аманда Болстер со кои било разговарано за актуелните предизвици и приоритети со цел унапредување на здравствените услуги.
Како што информираат од ресорното Министерство, Меџити се заблагодарил за досегашната соработка, истакнувајќи го значењето на обезбедената помош и поддршка за оваа година со 15.000 дози вакцини.
– Соработката со PIVI започнува од 2018/19 година со лансирање на кампањата за бесплатна вакцинација на лица над 65 години за инфлуенца.
Следни чекори што ни претстојат во склоп на оваа соработка, е развој на Националната програма за инфлуенца вакцинација, зголемување на бројот на вакцинирани кои спаѓаат во ризичните групи, развој на комуникациска стратегија наменета да ги таргетира овие ризични групи и зголемување на свесноста на популацијата и здравствените работници за вакцинацијата против инфлуенца, наведуваат од Министерството за здравство.
Фото: МЗ