Триесетгодишниот велешанец Ангелче Николов, кој возејќи пијан на 17 декември лани во 22:15 часот на пешачки премин ја прегази 11-годишната Магдалена Иванова, која почина на местото на несреќата, а тешко ја повреди нејзината мајка, а потоа избега и два дена се криеше од полицијата, денеска на првото рочиште од судењето во Основниот суд во Велес ја призна вината и му се извини на семејството на девојчето.
-Признавам вина и се каам за стореното дело и му се извинувам на семејството и на јавноста, рече Николов.
Тој побара поблага казна, и додаде дека е свесен за последиците од признанието, добивањето на затворска казна, како и плаќањето оштета и трошоци.
Поради тоа што обвинетиот го призна делото не беа сослушани сведоци.
Неговиот адвокат Андреја Весов не сакаше да ја коментира можната пресуда и пред новинарите изјави дека останува да ја чека пресудата која ќе биде изречена овој петок во 12 часот.
-Обвинетиот си го призна делото во целост искрено се покаја, свесен е за последиите од кривичното дело и за санкцијата, рече адвокатот Весов.
Обвинителката Славица Темелковски воедно побара од Судот при изрекување на пресудата да има предвид и тоа дека Ангелче Николов претходно два пати бил казнуван за возење во алкохолизирана состојба и што по несреќата два дене се криел од полицијата.
Таа за новинарите информира дека Николов во моментот кога го возел „мерцедесот“ бил со одземена возачка дозвола и во алкохолизирана состојба.
-После воведниот говор обвинетиот ја призна вината за сторените кривични дела. Ова не е некоја новина, бидејќи и при давањето на исказот во текот на истражната постапка обвинетиот и тогаш го призна извршувањето на двете кривични дела. Исходот зависи од одлуката на Судот, појасни обвинителката Темелковски.
Правниот застапник на семејството на загинатото девојче, Јанаки Митровски од Обвинителството побара да се истражи кој два дена го криел сторителот и истовремено не се согласил ни со квалификацијата на повредата на мајката на Магдалена. Митровски наместо лесна барал одговорност за тешка телесна повреда.
-Не сум јас тој што треба да суди распонот на санкција којашто може да ја добие обвинетиот е 4 до 20 години затвор. Точно е тоа што го кажа колешката дека поднесов кривична пријава против тројцата останати сопатници во возилото за време на несреќата, рече Митровски.
Семејството на 11-годишната Магдалена Иванова која трагично загина во несреќата на 17 декември лани се приклучија на прогонот, но денеска поради голема болка не без присутни на судењето. Според нивниот адвокат не сакале да присуствуваат со што ќе ја продлабочат својата болка.
Инаку, тешката несреќата се случи на 17 декември лани вечерта во 22:15 часот на улицата „Борис Трајковски“ во близина на Основното училиштето „Васил Главинов“ во Велес, каде што учеше и девојчето.
Во тој момент сега обвинетиот Ангелче Николов кој возел со голема брзина не застанал на местото на тешката сообраќајна несреќа туку продолжил да вози. Тој по два дена криење од полицијата сам се пријавил во Полициска станица Велес.
Судијката Габриела Гајдова пресудата за обвинетиот Ангелче Николов ќе ја изрече во петок во 12 часот.
МИА/Фото: МИА