Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев од партијата на Бојко Борисов, ГЕРБ се потсмева со резолуцијата која германскиот Бундестаг ја донесе за македонскиот јазик и култура и ја повика Бугарија да се воздржи од наметнување дополнителни услови за Македонија, освен веќе постигнатиот компромис за уставни промени.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ковачев тврди дека резолуцијата била донесена на барање на македонскиот премиер.
Тој им се заблагодарил и на колегите од ЦДУ и ЦСУ кои не ја поддржале Резолуцијата.
– Проблемот, поточно чудниот феномен е што тие се молат кај друга држава со одлука во парламентот да признае дека постојат македонскиот јазик, култура и идентитет. Не сум слушнал за друг сличен феномен на нашата планета, една држава да биде толку несигурна во својот идентитет, јазик и култура што мора да моли друга земја со политичка одлука на законодавно тело да ѝ ги признае јазикот, културата и идентитетот, изјави Ковачев.
Не заборави и да ги повтори и неговите добро познати ставови во однос на Македонија.
– Нема ништо лошо во тоа. Нашите колеги, соседи и пријатели во Скопје не треба да се грижат за тоа дека имаат модерен идентитет, јазик и култура, но разбирам дека сакаат да покажат некаква историска доследност или историски континуитет што се разликува од бугарскиот. Ова е основата на нашиот проблем,од таму доаѓа дискриминацијата и говорот на омраза и сите проблеми што ги имаме.
Тоа не се билатерални проблеми, тоа се проблеми поврзани со основните човекови права и европските вредности. Повторно ги повикувам и власта и опозицијата во РСМ да покажат смелост и храброст и да не го продолжуваат моментумот од времето на Титова Југославија.
Да си помагаме заедно, да бидеме заедно што побрзо во ЕУ, како што тоа го прават Романија и Молдавија, како што прави Грција со Кипар. Ние треба да сме заедно во ЕУ, а тоа може да се се случи само врз основа на пријателство, добрососедство, со спроведување на Договорот потпишан во 2017 година меѓу премиерите Заев и Борисов, како и со добра волја.
Им посакувам на нашите соседи навистина да ги надминат сите пречки и да можат што побрзо да станат членка на ЕУ заедно со нас, вели тој.
Фото: Влада/видео: Ковачев/Фејсбук