„Едно име имаме“ во изведба на Александар Тарабунов, е новата нумера од проектот „Македонијо во срце те носиме“, оригинално отпеана од легендата на македонската фолк музика – Јонче Христовски.
„Едно име имаме“ ја пеам одамна и ми е многу драга песна, ми буди убаво чувство за Македонија и горд сум што ја препеав и имам можност да ѝ ја претставам на публиката во едно ново руво“, вели Тарабунов и се присетува на една убава случка поврзана токму со македонската фолк легенда: „Одамна ми беше голема желба да препеам некоја од безвременските песни на Јонче Христовски, бидејќи беа големи другари со татко ми.
Се сеќавам дека кога бев мал на еден мој роденден Јонче ми подари цела ќеса џамлии „црнки“ коишто во тоа време беа највредните. Со роденденскиот подарок излегов во маало да играм со другарите и поголемите ме намирисаа и ми ги ќарија сите џамлии. Кога се вратив дома татко ми ме праша каде ми се џамлиите од Јонче, е а кога дозна каде се отиде на врата да им ги бара ха, ха, ха…“.
Видеото за „Едно име имаме“ е со потписот на Скендеровски продукција, која стои зад проектот „Македонијо во срце те носиме“, а во чии рамки се препеани 12 македонски легендарни песни, во изведба на 12 изведувачи, и од светот на забавната и од светот на народната музика.
Меѓу изведувачите кои публиката уште треба да ги слушне и види се и: Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, ДНК, Андријана Јаневска и Зуица Лазова.
Кон крајот на летото ќе стартува и концертниот караван под истото име „Македонијо во срце те носиме“ и ќе гостува во неколку македонски градови.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото/видео: Промо