Почна со работа новото основно општинско училиште ООУ „Киро Глигоров“ во скопската населба Капиштец.
Станува збор за прво ново – изградено училиште на територија на скопската Општина Центар по цели пет децении. Започна да се гради во 2016 година, а целокупната изведба на проектот е во вредност од 5.5 милиони евра, информираат од Општина Центар.
Во рамки на училиштето функционира и посебен Дневен центар за деца со церебрална парализа.
Училишната зграда се протега на површина од 12.100 м2 и дворна површина од 4.100 м2.
Фасадата на училиштето е структурална, стаклена и самовентилирачка, а со тоа и енергетски ефикасна, што значително ќе ја намали потрошувачката на топлинска енергија во зимскиот период и ќе придонесе кон намалување на загадувањето на воздухот, велат од Општината.
Училиштето се состои од приземје, два ката и подземен паркинг со капацитет од 104 возила.
Во дворот на училиштето се наоѓаат спортски терени за фудбал и одбојка, урбана опрема – клупи и високо-стоечки лампи за ноќно читање, 26 паркинг-места и простор за партерно и хортикултурно уредување, а целата дворна површина, вклучувајќи ги и игралиштата се осветлени со лед-енергетско ефикасно осветлување.
Училиштето е поврзано на централното градско затоплување со греење на целиот објект без радијатори, вградени се антибактериски и антиалергени подови, лед-енергетско ефикасно осветлување,посебни тоалети во секоја училница во ниските одделенија, посебни тоалетии посебен лифт за децата со церебрална парализа, противпожарен аларм во секоја просторија, мрежа за безжичен интернет од сите оператори, итн, информираат од Општината Центар.
Спортската сала е по ФИБА стандарди, трпезаријата е по ХАСАП стандарди, а посебниот Дневен центар за деца со церебрална парализа е според стандардите и потребите на корисниците.
Името на училиштето е резултат на анкетата, која на својата веб страница ја спроведе Општина Центар.
Фото/видео: Општина Центар