Појавите на преполни кафулиња, баровите на плажа, но и ноќни клубови во Грција во текот на изминатиот викенд претставуваат дополнителна главоболка за епидемиолозите во земјата, кои предупредуваат дека најголемиот проблем со Ковид-19 се собирите и гужвите каде што најлесно се пренесува вирусот, јави дописничката на МИА од Атина.
– Сакам да потсетам дека пред да се појават сите големи епидемии во Италија, во Англија, во Шпанија, претходеа гужви на трговски саеми, на стадиони, на масовни протести и така натаму. Гужвите се маслото во огнот на пандемијата.
По ова што сега се случува на Миконос и на други места каде што има гужви, да бидете сигурни дека за една до две седмици, ако не се преземат мерки, ќе се врати епидемијата.
Еден човек од оваа толпа е доволен за да се заразат 100 или 200 други, изјави за грчката телевизија „Скај“ професорот епидемиолог Никос Сипсас, кој е член на комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција.
Професорот по заразни болести и патологија, Хараламбос Гогос, за телевизијата „Антена“ истакнува дека на сите треба да им биде јасно дека ова лето е поразлично и како решение споменува сопствениците, наместо за 1.000 лица, да дозволат влез за 200 посетители.
Тој додаде дека е најверојатно со отворањето на границите, на туристичките места да се појават и „увезени“ случаи на Ковид-19.
Портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас во интервјуто за грчката телевизија „Скај“ коментирајќи ја одлуката да се казни познат бар на плажа на Миконос со 20.000 евра и двомесечна забрана за работа поради непочитувањето на протоколите, рече дека законите треба да се почитуваат од сите.
– Сега, кога штотуку започнавме да ја деблокираме нашата економија и да примаме луѓе, не можеме да ја испраќаме оваа порака. Законите секогаш мора да се почитуваат. Законот е закон и мора да се спроведе. Оттука, доколку било кои прашања од нашиот план треба да бидат ревидирани во продолжение, ќе бидат ревидирани. Но, нашата главна грижа е јавното здравје, посочи Пецас.
Епидемиолозите, но и власта во Грција, не ја исклучуваат можноста, доколку биде потребно да се воведе и локален карантин во место каде што во текот на летото би се појавил сомнителен случај.
Портпаролот на грчката Влада истакна дека коронавирусот е сѐ уште присутен, потребна е претпазливост и објасни дека ако е потребно дури и цел остров може да се стави во карантин.
– Никој не може да биде сигурен, каде може да постои жариште. Целта е едно веројатно жариште брзо да се лоцира и да се изолира за да нема ширење во општеството. Како што ги прекинавме летовите од Доха, кога имавме само 12 случаи, така ќе биде и на локално ниво, ако некаде забележиме проблем.
Без разлика дали локалното ниво се однесува на населба, или здравствената структура, училиште или било што друго. Може дури да се однесува и на географска област, како што е еден остров или префектура, објасни портпаролот на грчката Влада.
Како што вчера објави МИА, во кафулиња и баровите на плажа низ цела Грција, според објавените фотографии и видеа како од медиумите, така и на социјалните мрежи, Грците се чини дека не се вратија во „новата нормалност“, туку продолжија онаму каде што запреа пред појавувањето на новиот коронавирус.
Генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи Панајотис Стамбулидис, вчера рече дека бизнисите не се отворени без ограничувања, туку под конкретни услови и објасни дека во бич баровите, согласно здравствените протоколи и правила, не смее да се користи шанкот, забрането е да се организираат забави, а задолжително е да се почитува ограничениот број гости.
МИА/видео: Npress Media/фото: Фејсбук
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Апартмани, куќи и хотели по багателни цени во Грција: Квадратот поевтин од Скопје
Во Грција целосно отворени кафулињата и плажите, ќе се служи и алкохол
Ќе биде ли одморот во Грција поевтин?