Новата пробна ракета на американската вселенска агенција НАСА полета рано изутринава со три кукли во мисија околу Месечината, што по 50 години и завршување на програмата „Аполо“ е првпат да планира да постави празна капсула во орбитата на Месечината, пренесе Бета.
Доколку сè биде во ред за време на тринеделниот пробен лет, ракетата ќе ја упати капсулата без посада во широката орбита околу Месечината, а потоа капсулата во декември ќе се врати на Земјата со контролиран пад во Тихиот Океан.
По повеќе години одложување и милијарди долари дополнителни трошоци, ракетата „СЛС“ е лансирана од вселенскиот центар Кенеди. На неа се наоѓа капсулата „орион“.
Истекување на гориво спречи два обида за полетување, а потоа ураганите предизвикаа уште неколку одложувања.
НАСА очекуваше 15.000 посетители во вселенскиот центар Кенеди за денешното лансирање и уште илјадници луѓе на плажите и патиштата надвор од центарот, за да го видат долгоочекуваното продолжение на проектот „Аполо“, кога 12 астронаути чекореа на Месечината од 1969 до 1972 година.
Луѓе се собраа и пред центрите на НАСА во Хјустон и Хантсвил во државата Алабама за да го гледаат спектаклот на големите екрани.
Полетувањето го означува почетокот на програмата „Артемис“, наречена по митолошката сестра близначка на Аполо.
НАСА планира да испрати четворица астронаути да летаат околу Месечината на следниот лет во 2024, а луѓе да чекорат таму во 2025 година.
Ракетата „СЛС“ е долга 98 метри и е најмоќна што НАСА ја изградила некогаш.
Пробниот лет чини 4,1 милијарди долари и треба да трае околу 25 дена, исто како и кога имаше посада во капсула.
НАСА има во план да воспостави база на Месечината и да испрати астронаути на Марс до крајот на 2030-те или почетокот на 2040-те години. Но, за тоа е потребно да се преминат уште многу препреки.
НАСА последен пат испрати астронаути на Месечината во декември 1972 година, на крајот од програмата „Аполо“.
МИА/Фото/видео: НАСА