еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

(Видео) Со Детската кардиохирургија во „Жан Митрев“ земјава станува медицински центар на Балканот

Изминаа само два месеци откако беше започнат проектот основање на Детска кардиохирургија во клиниката „Жан Митрев“ по пат на јавно-приватно партнерство со државата, а првичните резултати се повеќе од успешни со оглед на тоа што веќе се направени 10 интервенции и тоа 5 на деца под 1 година и 5 на деца над 1 година.

Академик Жан Митрев на денешната прес-конференција изрази задоволство од досегашната работа посебно затоа што прв пат приватното и јавното здравство покажуваат дека не треба да се гледаат како конкуренти туку преку соработка да понудат врвен квалитет и услуги за пациентите од земјава и од странство.

„Ова е голем пресврт во медицината кај нас бидеќи нудиме врвни услуги и се отвараат нови работни места. Посебно ми е мило што се создаваат атрактивни услови за враќање на нашите доктори кои работат во странство. Веќе имаме пример за враќање на наш анестезиолог кој во моментов работи во Кувајт, а имаме најави и за враќање на наши медицински лица од Германија“, вели Митрев.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека проектот Детска кардиохирургија почнал со голем ентузијазам на доктор Владимир Чадиковски, кој во скромни услови со помош на странски едукатори успеал да ја надгради својата експертиза.

Тој рече дека државата сака да ги отвори вратите за влез на приватниот капитал во јавното здравство и рече дека не е точно дека ќе има затворање болници како што пишувале дел од медиумите.

Филипче најави сериозна физибилити студија која треба да покаже во кои делови од здравствениот сектор се потребни нови инвестиции, а во кои државата да купува услуги од приватните здравствени установи кои имаат добиени светски признати меѓународни стандарди и кои нудат врвни услуги.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев изјави Фондот целосно ги покрива трошоците за лекување на децата и дека наместо како досега да плаќа на болници во странство, плаќа на домашни болници.

„Со тоа се намалуваат трошоците и на семејствата бидејќи не треба да патуваат во странство и да плаќаат за сместување“, вели Дончев.

Доктор Владимир Чадиковски соопшти дека неговиот тим има извонредни услови за работа и дека целта е да се згрижат децата со најтешки заболувања, но и да се привлечат пациентите од земји кои немаат вакви центри.

Доволен показател за тоа дека Детската кардиохирургија при клиниката „Жан Митрев“ која работи по високи американски стандарди може да биде пресвртница во македонското здравство е што во ниту една земја од бившите ЈУ-држави вклучувајќи ја и Словенија нема ваква Детска кардиохирургија.

Видео: Youtube/Жан Митрев/Фото: Министерство за здравство

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Спасено мече кое се заглавило на дрво во двор на викендица во Маврови Анови

Редакција

Лотарија на Македонија со добивка во третиот квартал

Редакција

Досега од вакцината на „АстраЗенека“ се дадени над 15 милиони дози, голем дел од европските држави продолжуваат со вакцинација

Редакција