Вработените во ресторанот Cream од Гевгелија, се обратија на нивните сограѓани гевгеличани да ја споделат маката со која се соочуваат во работењето за време на ковид-пандемијата и згора на се, казната од 7.000 евра што треба да ја платат за прикажување на лажни сертификати од страна на гости.
„За емоциите може да ми се смеете колку сакате. 7.000 евра казна во ова време, кога две години се бориме да преживееме, две години не можеме два денари да извадиме, правам позајмици за да платам осигурување, струја, да исплатам плати. Ова е катастрофа.
Дали сум јас или некој друг што ќе плаќа денеска, утре… не знам. Така не бива луѓе, не бива. Јас не сум убиец. Доаѓаат гости, во време кога има 100.000 лажни сертификати, во време кога економијата е нула, тие ни го прават ова. 7.000 евра знаете ли која пара е, животот ќе ми се зацрни,“ изјави сопственикот Илија Митрев-Ице во емотивниот говор пред насобраните граѓани и вработените.
Еден од вработените во својот говор исто така истакна дека бирократијата во нашата држава е рак која, ја уништува сопствената држава.
„Не можеме да дозволиме неразумна, неправедна и селективна политика. Не е само Ице, знаеме дека ја затворија турската слаткарница, Кежуал, им напишаа казни уште на десетина објекти. Овие луѓе кои си ја вадат платата секој први, едвај преживуваат.
На бирократите, кои ние ги плаќаме од наш џеб им порачувам тие да дојдат и еден ден да водат дуќани, за да почнат казни да пишуваат,“ изјавија од ресторан Cream.
Тој упати порака и до судиите кои ќе ги судат овие случаи, дa донесуваат одлуки за свои сограѓани и комшии.
„Пред да донесете одлука за да уништите нечии животи, само замислете се дали овие луѓе ја заслужуваат оваа казна. Не знам дали некој од вас, во последните два месеци дали покажал сертификат.
Пародија. Цел свет веќе ги исфрла и воведуваат ослободување од мерките, ние ќе затвораме дуќани поради тоа што некој немал сертификат.
Со бирократијата во Скопје тешко ќе се бориме, но можеме во Гевгелија. Ги повикуваме инспекторите, судиите застанете од страната на своите сограѓани, одбранете ги своите роднини,“ додаваат од ресторан Cream.