И оваа година продолжува акцијата за бесплатно сместувања во туристичките места низ Македонија, за деца со посебни потреби, социјално загрозени деца и деца на самохрани родители, кои се организираа преку Фејсбук групата за бесплатно сместување, која сега ги прошири своите активности и доби ново име-Хумано детско другарување.
“Оваа година ја проширивме целта на оваа група. Нашата цел како група од поединци со хумано срце, е да организираме најразлични друштвени активности за социјално загрозени деца, за деца со посебни потреби и деца на самохрани родители.
Нашиот проект со организирање на бесплатни сместувања во туристичките места низ Македонија ќе продолжи и воедно би сакале да вклучиме и посета на аква паркови, базени, посета на Зоолошката градина, музеи, театри, кина, продавници за играчки и облека, како и играње или прославување на родендени во игротеки и слични креативни места за деца.
За да ја оствариме оваа наша идеја потребна ни е голема поддршка и воедно АПЕЛИРАМЕ И ГИ ПОВИКУВАМЕ сите оние кои што се во можност да донираат влезници и да ни ги отворат вратите од своите хотели, апартмани и викенд куќи. Би сакале и ЈСП во Скопје да ни се приклучи во нашата акција, како и останатите приватни превозници од сите градови“, велат активистите.