Владата не го прифати предлогот на СДСМ за намалување на платите на сите вработени во јавниот сектор на ниво на минимална плата за да се амортизира ударот врз буџетот од кризата преизвикана од корона вирусот, но на тоа ниво ги сведе платите на функционерите.
Имено, на денешната седница Владата одлучи сите избрани и именувани функционери да примаат минимална плата од 14.500 ден во април и мај 2020 година.
„Сите избрани и именувани функционери на државно и на локално ниво ќе земат минимална нето плата (сметано од декември 2019) од 14.500 денари за месеците април и мај 2020 година.
Тоа значи: Претседателите на државата, на Собранието и на Владата, сите министри, заменици министри, државни секретари, директори на државни институции, пратеници, градоначалници, и сите останати избрани и именувани лица.
Одредбите од оваа уредба не се однесуваат на именуваните лица согласно закон во јавните здравствени установи“, соопшти Владата.
Истовремено, Владата одлучи претседателите и членовите на управни и надзорни одбори на јавни институции да не примаат надомест за времетраење на кризата
„Претседателите и членовите на управни и надзорни одбори на јавни институции од извршната и локалната власт, како и претседатели и членови на советите на општините, и претседатели и членови на комисии формирани од извршната и локалната власт кои се истовремено некаде вработени, нема да земаат никаков надоместок додека трае кризата. Одлуката ќе важи додека Владата не донесе одлука за престанок на истата.
Оваа мерка не се однесува за лицата што се невработени, и за кои овој им е единствен приход“, соопшти Владата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Детален преглед: Вкупно 17 економски мерки на Владата „против“ кризата од корона вирусот
Нови детали за најмладиот починат пациент од коронавирусот, кој имаше 31 години
Вкупно девет починати: Двајца мажи жртви на корона вирусот, едниот на 45 години другиот на 78