Платите во Буџетот за 2023 година се дефинирани според можностите, вкалкулирани се зголемувањата во секторите направени оваа година, а кратење нема да има во ниту едно од правата на работниците, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
-Ако просечната плата наредната година во просек дава десет отсто зголемување, тоа значи дека од март минималната плата ќе се зголеми за десет отсто. И државните службеници каде е влезена минималната плата како основица, ќе имаат линеарно зголемување на платите, рече Бесими во вечерашното гостување на Телевизија 24.
Според него, не се проектирани нови даноци, но можно е да престанат дел од даночните ослободувања.
На прашањето во кои сегменти со новиот Буџет се планира штедење, министерот објасни дека тоа пред се се однесува на непродуктивните трошоци – мебел, возила и патни трошоци, но нема да има и зголемување на администрацијата.
Бесими во гостувањето апелира да се штеди струја, зашто тоа, рече, e главниот, најдобар и најбрз одговор во овој период на криза.
-Главниот збор во овој период е штедење. Колку што можеме да штедиме од аспект на енергенси, ќе биде корисно. Штедење, зашто дополнителното трошење само може да ги држи цените на виско ниво, а тоа дополнително рефлектира на намалување на животниот стандард. Целта е да се избегне феноменот од седумдесетите, т.н. стагфлација, потенцира Бесими.
За справување со кризата догодина, дополни, одвоени се 250 милиони евра.
-Досегашните мерки ќе продолжат, посебно за најранливите категории граѓани. Во првата половина од годината ќе продолжат субвенционираното ДДВ и субвенционираната цена од ЕСМ со тоа што ќе има одредено зголемување на цените, а ќе има и разни мерки за таргетираните и ранливите категории, рече Бесими.
МИА/Фото: Unsplash