Во изминатото деноноќие во Дебар потврдени се 18 новозаразени лица со Ковид-19, што е најголема бројка на нови случаи во еден ден од почетокот на пандемијата.
– Толку висока бројка на новозаразени немавме ниту во времето кога бевме жариште на болеста. Ова се потврдени позитивни случаи од земените 40 брисеви. Сите новозаразени се од Дебар.
Според проценката на стручните лица, бројката на заразени ќе расте, што е резултат на непочитување на препораките за лична заштита и пропишаните протоколи во кафулињата, маркетите и други институции, изјави за МИА дебарскиот градоначалник Хекуран Дука.
Упатувајќи повторно апел за почитување на препораките на надлежните, тој посочи дека денешната бројка е повеќе од предупредување дека грижата и совесноста треба да бидат на многу повисоко ниво доколку сакаме да се се заштитиме себе си, најблиските и државата.
Инаку, во Дебар кој беше прво жариште на опасниот вирус, вкупната бројка на заразени се зголеми на 81, од нив оздравени се 48, починаа четворица, додека активни се 29 случаи.
Во самоизолација се стотина лица, од кои дел на задолжителна изолација по пристигнувањето од странство.
По повторната појава на опасниот вирус, по точно педесет дена, на 5 овој месец, кој беше потврден кај жена од селото Долно Косоврасти, општинскиот оперативен штаб изврши повторна дезинфекција на селата Долно и Горно Косоврасти, а од вчера, по зголемиот број заразени и во градот.
Според утврдената динамика, десинфекцијата ќе продолжи и во другите селски населени места.
МИА/Фото: Општина Дебар
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Чаир стигна до 363 активни случаи на Ковид-19, а Гази Баба до 148
Тројца новозаразени со корона вирусот во Кичево, едниот е на 28-годишна возраст
Црн рекорд: Од корона вирусот починаа 11 лица