Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ денеска изјави дека одлуката, односно препораката, за „третата доза вакцина“ против коронавирусот ќе биде соопштена до 1 август, јави дописникот на МИА од Белград.
– Националното тело за имунизација спроведува студија, ги следи производителите на вакцини и нивните студии во врска со третата доза. До 23 јули, тие ќе го дадат своето мислење за третата доза на Кризниот штаб, а штабот до 1 август ќе донесе препорака за граѓаните, изјави Брнабиќ за ТВ Прва.
Таа додаде дека се следат студиите за производителите, како и препораките на Светската здравствена организација, но и дека српските експерти ќе ги презентираат своите студии.
– Не доцниме во ова, ќе донесеме одлука со време, за сите да бидат мирни, изјави српската премиерка.
Таа наведе дека бројот на вакцинирани граѓани во Србија сепак не достигнал 50 отсто, и додаде дека надминувањето на таа бројка се очекува во наредните денови.
Таа апелираше до младите да се вакцинираат.
– Процентот на вакцинирани возрасни е околу 48 отсто, но од тој број, само 17 отсто се млади луѓе на возраст од 18 до 30 години. Интензивно размислуваме за тоа што можеме да сториме. Невозможно е ситуацијата да остане стабилна со вакви бројки. Тоа ме плаши, кажа Брнабиќ.
Во Србија постои страв од ширење на вирусот поради масовниот собир на музичкиот фестивал „Егзит“, еден од најголемите во Европа, но организаторите и некои експерти уверуваат дека сè ќе помине безбедно.
Влезот на четиридневниот фестивал, од четврток, 8 јули до недела, 11 јули, ќе биде можен само за вакцинирани, оние кои го прележале Ковид-19, и оние кои доставиле негативен ПЦР или антиген тест.
МИА/Фото: МЗ