еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

(ФОТО) Водородните машини на „Брако“ на турнеја низ Франција

Десетина градови во Франција, многу средби, впечатоци и позитивни искуства донесе првата турнеја на зелените машини на велешки „Брако“ од линијата „Грин машинс“, информираат од компанијата.

Претставници на повеќе француски општини имале можност во живо да се запознаат и да го тестираат револуционерното возило за одржување хигиена во урбани средини, GM500H2, кое работи на водороден погон и со нула емисии на штетни материи.

Дестинацијата за оваа прва турнеја неслучајно била одбрана, бидејќи Франција е земја-пионер во областа на зелениот водород, засилено инвестира во водородна инфраструкура и нивниот план 2020-2030 година предвидува декарбонизација (премин на чист водород) на лесните возила, автобусите, камионите, тешките возила, возовите, патничките чамци…

Прогнозите велат дека овој зелен гас ќе задоволува 20% од вкупната побарувачка на енергија во земјата до 2030 година и 50% до 2050 година.

„Турнејата помина успешно, задоволни сме што успеавме да ја претставиме машината пред огромен број луѓе во живо, и покрај рестрикциите, и покрај сите проблеми што ги наметна пандемијата и, секако, со почитување на сите мерки за заштита од ковид.

Организациски многу ни помогна нашиот француски застапник „CMAR“. Речиси без исклучок, присутните беа импресионирани од удобноста на возилото и исклучителното лесно управување, што е резултат на неговиот ергономски дизајн.

Позитивните реакции ги очекувавме, но сепак ни беше задоволство да ги гледаме луѓето кои ги искусија во живо можностите на GM500H2. Особено беа изненадени од едноставниот процес на промена на водородните капсули,“ изјави Благој Шалев, извршен директор на „Брако“.

Париз, Лион, Дижон и Гренобл се меѓу градовите што изразија голем интерес на водородното возило. На повидок се повеќе долгорочни соработки, за кои повеќе детали ќе се знаат во наредниот период.

Освен тоа, договорено е „зелените машини“ повторно да се вратат во Франција во текот на годинава, како дел од две значајни изложби за возила и опрема за урбани средини.

Претстојното лето ќе биде динамично за „Брако“ и „Грин машинс“, со оглед на тоа што хидрогенското возило го очекуваат уште неколку големи и значајни турнеи, најпрво во Германија, потоа во Белгија, скандинавските земји и во Соединетите Американски Држави.

Компактното возило GM500H2 работи на 100-отсто водородна зелена технологија, со нула загадување, речиси без никаква емисија на звук, и е значајна алатка за градовите кои се борат да го намалат загадувањето. Уште една негова предност е дизајнот, кој му овозможува да покрие површини кои се недостапни за другите машини со ваква намена.

Без оглед дали се користи фиксен резервоар или заменлива водородна капсула погодна за градовите што немаат инфраструктура за полнење водород, GM500H2 има капацитет за цел работен ден.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пациенти од Скопје, Кичево и Струга починаа од Ковид-19

Редакција

Клиника Жан Митрев се залага за еднакво бубрежно здравје за сите

Редакција

Грчката компанија „Митилинеос“ ќе гради централа за струја во Скопје

Редакција