Македонските граѓани ќе треба да ги извадат од подрумите антените за прием на телевизиски сигнал или пак да купат нови доколку во иднина сакаат да ги гледаат програмите на домашните телевизии по најавата на кабелските оператори дека ќе прекинат да реемитуваат програма поради најновите измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Нејасно е тврдењето на преставниците на власта дека со овој закон ќе се сузбива пиратеријата, која веќе е регулирана со друг закон, Кривичниот закон, во членот 157.
Следење програмата од странски телевизии пак станува невозможна мисија односно граѓаните кои ќе најдат антенти отсега ќе бидат принудени да гледаат програма само од домашните радиодифузери, која рака на срце е скромна и изобилува со евтина продукција со никакви вредносни стандарди.
Ваквиот епилог е неизбежен откако од Здружението на информатичко-комуникациски технологии, каде што се обединети сите оператори најавија дека ќе ги пренесуваат само програмите на МРТВ и Собранискиот канал.
Оттаму соопштија дека причината за ваквиот чекор се законските измени со кои на операторите им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност.
Според нив, ваквата обврска дефинирана со Законот е спротивна на ЕУ-Директивите и на сите основни принципи на радиодифузната дејност и медиумската политика утврдени од страна на ЕУ, за што Здружението има добиено и писмено мислење од страна на Делегацијата на ЕУ во земјава.
„Истовремено, ваквата законска обврска за операторите претставува состојба на виша сила и е неприменлива затоа што операторите кои реемитуваат програма не можат да имаат ниту контрола, ниту одговорност за тоа дали се регулирани авторските права за сите поединечни програми што ги создаваат и емитуваат телевизиите. Здружението на информатичко-комуникациски технологии поднесе барање до Уставниот суд за донесување на времена мерка со која ќе се одложи неговата примена, заради неуставност“, информираа од Здружението.
Се чини дека образложението на операторите „држи вода“, а нивната решителност во борбата против неспроведливата регулатива ја покажуваат и со одлуката да не го наплаќаат користењето на ТВ услугите од нивните корисници за периодот додека трае прекинот.
Неизбежно е прашањето што мислеле надлежните кога го носеле новиот закон и дали со него сакаат да се амнестираат од неспособноста сами да контролираат дали одредена програма е со регулирани авторски права или не.
Додека не се реши овој проблем, останува впечатокот дека поради законодавни нелогичности во 21. век, македонскиот медиумски простор се враќа во 20 век, период кога во етерот емитуваа програма едвај неколку телевизии.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
АВМУ: Законот за медиуми е спротивен на ЕУ директивите и не гарантира слобода на реемитување на ТВ каналите
Операторите ќе прекинат со реемитување на домашни и странски ТВ канали освен на јавниот сервис
Македонија како Северна Кореја: Ни се заканува информативен мрак?