еМагазин
Image default
Локално ТОП СТОРИИ

За една четвртина намален бројот на водни птици на Преспанското Езеро

Речиси за една четвртина е намален бројот на водни птици, кои живеат и го надлетуваат Преспанското Езеро, покажуваат податоците од зимското пребројување на Македонското еколошко друштво (МЕД) за 2021 година.

Пребројувањето, како што информира националниот координатор за зимски цензус на птици при МЕД, Данка Узунова, се врши синхронизирано со екипи од Грција и Албанија.

Состојбата е слична и со останатите езера, но, според Узунова, тоа не е загрижувачки, бидејќи намалувањето е во однос на претходните две до три години. Причина за таквиот резултат, смета дека може да се временските услови или промената на хабитатите во кои презимуваат.

„При зимското пребројување на птиците над трите природни езера, Преспанско, Охридско и Дојранско забележано е 15 до 25 отсто помалку во однос на претходните две до три години.

Тоа не е нешто што загрижува, би загрижувало ако ова е тренд во надолна линија од повеќе години. Намалениот број може да е резултат на временските услови, промената во хабитатите во кои презимуваат… Имавме многу видови што не ги видовме воопшто“, истакна Узунова.

На Преспанското, како и на другите езера, додаде, доминираат лиските, а застапени се и пеликаните, блатни шлуки, различни видови патки, северни и обични нуркачи, чапји, корморани….

За пребројувањето на птиците, појасни дека се избираат пристапни точки со добар опсег на површината која се брои. На Преспанското Езеро се лоцираат 11 точки, кои опфаќаат околу 80 проценти од водната површина.

„Со почитување на протоколите за заштита од Ковид-19, два тима од по четворица експерти и волонтери од македонска страна го надгледуваа Преспанското Езеро. Исто се спроведуваше и над Охридското и Дојранското Езеро, а тимови работеа и на вештачките акомулации низ државата“, изјави Узунова.

Истовремено, додаде, тимови за пребројување имало на албанска и грчка страна на езерото.

„Меѓународна соработката има, и мора да има синхронизирани активности. Во исто време мора да почнеме да ги броиме птиците, бидејќи, иако не станува збор за некои големи летачи, посебно зимно време нема да прелетаат толку брзо од македонска на грчка или албанска страна, добро е да се знае каква е состојбата во исто време на сите страни од езерото.

Еден вид слика во моментот што се случува, колку видови птици има и колкав број“, појасни Националниот координатор.

Пребројувањето на водни птици од македонска страна го реализира Македонското еколошко друштво, заедно со националниот парк„ Галичица“ и паркот на природа „Езерани“, додека во Грција тоа го прават екипи од SPP, заедно со управувачкото тело на националниот парк „Преспа“ и HOS, а во Албанија Земјоделскиот факултет во Тирана и преставници од националните и регионални тела за заштитени подрачја.

МИА/Фото: Фејсбук/МЕД

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Судење за “Рекет“: Од домот на Јанева одземена и кожна ташна „Луј Витон”

Редакција

Ердоган до Парламентот достави предлог за ратификација на кандидатурата на Шведска за НАТО

Редакција

Каков имот пријавиле уставните судии: Костадиновски со сопругата имаат два стана, вози Хјундаи

Редакција