Државната изборна комисија го утврдува изгледот на гласачкото ливче за референдумот закажан за 30 септември.
Печатницата „Киро Дандаро“ е избрана да ги печати ливчињата, а за таа намена ќе бидат потрошени 13 милиони денари.
Претседателот на ДИК Оливер Дерковски информираше дека од безбедносни причини изгледот на гласачкото ливче Комисијата ќе го утврдува на затворена седница за јавноста, дека за печатење на избирачките ливчиња се пријавиле три печатници, но дека Комисијата одлучила тоа да го прави печатницата „Киро Дандаро“. Се водело сметка заштитата на гласачките ливчиња да биде на највиско можно ниво за да се избеганат сите евентуални шпекулации.
За сумата што ќе се потроши од 13 милиони денари за печатење на гласачките ливчиња рече дека е намалување во споредба со парите потрошени за гласачки ливчиња на изборните циклуси во 2016 (околу 49 милиони денари) и во 2012 година (28 милиони денари).
Членовите на Комисијата го усвоија Упатството за важечки и неважечки ливчиња на референдумот. За важечко ливче ќе се смета она ливче на кое, како што рече членот на ДИК, Елизабета Постоловска, ќе се заокружи „за“ или „против“ со сино пенкало.
– Со штиклирање и ставање „х“ ливчето ќе биде неважечко, потенцираше таа.
Борис Кондарко читајќи дел од Упатството за важечки и неважечки гласачки ливчиња кажа дека „гласачкото ливче е неважечко ако не е пополнето на начин предвиден со Изборниот законик, Законот за референдум и ова Упатство, ако е прецртано делумно или целосно, ако се заокружени двата или не е заокружен ниеден од понудените одговори на поставеното прашање, ако бројот на гласачкото ливче не е соодветен на бројот гласачкото место каде се гласа или, ако гласачкото ливче нема печат на предната страна“.
Според податоците на ДИК, помалку од 10 гласачи има во 81 избирачко место во 27 општински изборни комисии. Во овие избирачки места нема да се спроведе гласањето за референдумот, но овие граѓани ќе бидат упатени да се изјаснат во најблиското избирачко место не помалку од три километри од неговото населено место. Гласањето на референдумот на 30 септември ќе се одвива во 3.480 избирачки места, а според заклучениот Избирачки список, право на глас имаат 1.806.336 граѓани.
ДИК на денешната седница исто така усвои Упатство за гласање на референдумот кое, како што информира членовите, ќе стане исто така дел од Прирачникот за едукација на избирачките одбори, а за таа цел ќе биде изготвен и видео материјал. Едукацијата на избирачките одбори ќе се одвива во понеделник и во вторник, а деновиве ДИК ќе ја започне и кампањата за едукација на граѓаните за гласањето на референдумот на 30 септември.
На денешната седница исто така ДИК даде одобрение за неколку организации за набљудување на референдумот, а се очекува овој процес на 30 септември да го мониторираат околу шест илјади претставници на различни домашни и странски организации и институции.
МИА