На тројцата членови на Управниот одбор на УНИ Банка во текот на минатата година им биле исплатени вкупни надоместоци од 34 милиони денари или околу 555.000 евра, покажува годишниот извештај за работењето на банката објавен преку Македонската берза.
Од вкупниот износ, по основ на фиксен надоместок им биле исплатени 28,7 милиони денари, а по основ на варијабилен надоместок добиле 5,3 милиони денари.
Од банката објаснуваат дека во фиксниот надоместок се подразбираат надоместоците што ги добива вработениот чиишто услови за исплата и за определување на нивната висина зависат од претходно утврдени критериуми и не зависат од успешноста во работењето (плата, паушал и др. надоместоци согласно закон).
Фиксниот дел од вкупниот надоместок треба да е значително повисок, односно варијабилниот дел не смее на годишно ниво да надмине 100% од фиксниот дел од вкупниот надоместок исплатен на секој вработен или член на орган на банката.
Во варијабилниот надоместок се подразбираат сите надоместоци коишто не се сметаат за фиксен дел од надоместокот и зависи од долгорочната успешност во извршувањето на работниете задачи од страна на вработениот (парична исплата, бонус, обука во земјата или странство, користење автомобил за лична употреба и др.).
„Варијабилниот надоместок се исплаќа само во зависност од целокупната финансиска состојба на Банката и се заснова согласно работењето на Банката, организационата единица која е вклучена, и поединецот на кој се однесува“, се вели во извештајот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Коста Митровски веќе не е главен извршен директор на УНИ Банка
УНИ Банка за три месеци оствари добивка од 47 милиони денари