еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

За вработување по етнички клуч единствена валидна категорија е резидентно население, вели Симовски

Единствена валидна категорија е резидентно население и тоа е согласно сите стандарди на ОН кои важат за сите земји во светот и ги прифати и Евростат, вели директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски на прашање од МИА, за тоа кои податоци треба да се користат од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) при усогласување на податоците за алатката „Балансер“.

– Ние како земја, категоријата нерезидентно население одлучивме да ја попишуваме затоа што имаме проблем со емиграцијата и тие податоци да се искористат за да се креираат политики да се намали емиграцијата и евентуално да се вратат луѓе, ама не може тие да бидат дел од никаква друга категорија население, изјави Симовски.

На прашање од МИА дали МИОА ги контактирале во врска со податоците од Пописот, Симовски рече дека биле контактирани минатата недела и дека тие им дале одговор.

– МИОА не контактираа телефонски минатата недела и ние им кажавме дека единствена категорија што треба да ја гледаат е резидентно население, појасни Симовски.

За тоа дали биле прашани како да се користат податоците за граѓаните кои беа попишани преку регистрите, Симовски рече дека и за тоа им дале јасен одговор.

– Прашаа и добија одговор. Не може да ги распоредите. Не знаеме и тука нема нагаѓање. Тие седум проценти се неизјаснети и ќе си останат во групата на останати, нагласи Симовски.

Симовски, исто така, појасни дека граѓаните и по Устав имаат право да не одговорат за етничката припадност.

– И на крајот Вие по Устав имате право да не се изјасните. Никој со сила не може да Ве натера да се изјасните. Ние ги импутиравме податоците за кои има во регистрите документирана информација, ама никако не смееме да помислиме, а камоли да направиме импутирање на податоци за чувство. Тоа си е лично и е апсолутно забрането, изјави Симовски.

Од МИОА, за МИА вчера изјавија, дека при усогласување на податоците од последниот Попис, а во врска со вработувањата во јавниот сектор согласно принципот на правична и соодветна застапеност што се врши со Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор за основа се земени предвид податоците добиени од вкупниот број попишани лица.

Законот за вработените во јавниот сектор, кој започна со примена во 2015 година, предвидува механизам за постигнување на уставното начело за соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците, на ниво на секоја од институциите во јавниот сектор, а врз основа на потребите на самите институции изразени преку годишни планови за вработување.

Во 2016 година беше донесена Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор, согласно која секоја институција ќе мора да изготви годишен план за вработување и согласно годишниот план да ги спроведува постапките за вработување. Изработена е веб алатка достапна на веб локацијата balancer.mioa.gov.mk преку која електронски се врши распределбата на планираните нови вработувања, согласно соодветната и правична застапеност

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Гаќи, плажа, рекет и македонска (не)правда

Редакција

(Фото) Министерот Тошковски објави фотографија со семејството

Редакција

(Видео) Од рај се претвори во пекол: Најмалку 55 лица загинаа во пожари на Хаваи

Редакција