еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Заев ја испрати оставката до Собрание, еве што пишува во неа

Од Владата информираа дека Зоран Заев ја доставил својата оставка од премиерската функција, до Собранието.

Интегрално Ви ја пренесуваме истата:

“Со ова мое писмо Ве известувам дека поднесувам оставка од функцијата Претседател на Владата на Република Северна Македонија.Оваа моја одлука ја презедов како логичен чекор кој произлегува од исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати.Резултатите на последните избори, иако беа локални, за политичкиот момент во кој се наоѓа земјата имаа и национална политичка тежина. Во вакви услови, за мене лично и за мене како премиер, заради политиките во кои верувам, заради демократските и европските вредностите во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било јас лично да продолжам да ја водам Владата на евроатлантскиот пат.

Сметам дека друг премиер од редовите на СДСМ тоа ќе може да го оствари на подобар начин, со успех и за граѓаните и за државата.Со мојата оставка со која ја преземам одговорноста сакам да оставам пример за да се препознаваат доблесните одлуки кога тоа е неопходно и со тоа да дадам уште еден придонес во јакнење на демократскиот капацитет на народот, но исто така и на идните лидери за да бидат свесни за својата граѓанска должност кога ја преземаат грижата за својата земја.Затоа што демократијата значи и одговорност. Ова го направив и за да може да продолжи да се развива нашата западно-европска идеја и прогресивниот концепт во земјата да си создаде услови за сопствено освежување и зајакнување, а со тоа да не се дозволи да биде поразен на национално ниво – за да можат токму тие современи демократски сили да опстојат и да продолжат да се борат за напредокот на Северна Македонија – во име на слободата, демократијата, различностите, добрососедството, НАТО и за полесно и побрзо да ги почнеме преговорите со ЕУ.Ми беше огромна чест што можев да служам и што ја имав довербата на мнозинството од народот во изминатите четири години. Особено сум горд на тоа што поддршката стигаше од сите етнички заедници, од целиот наш мултиетнички народ и што големата идеја за нашето „Едно општество за сите”, денес, полека, но сигурно почнуваат да ја прифаќаат и нејзините противници.Во сите предизвици има периоди на мир меѓу две битки, денови кога ентузијазмот ослабнува, кога се соочуваме со неисполнување на тоа што се очекува и што е договорено.Но, едно е сигурно дека никогаш нема да има денови, ниту ситуации, кога тие моменти биле причина да се откажеме од остварувањето на нашата голема цел што си ја поставивме со сите наши граѓани само пред четири години.За време на моите мандати како премиер, донесовме историски одлуки поради кои Северна Македонија наместо како „поранешна република“, без свое трајно и суверено потврдено место во друштвото на народите, го доби тоа што ѝ припаѓа според нејзиното достоинство и историски заслуги.

Тие одлуки овозможија Македонците и македонскиот јазик да бидат потврдени од целиот свет, а овој пат и од нашиот сосед и пријател, Република Грција. Сметам дека со тоа обезбедивме траен мир, безбедност, сигурност и трасиран пат за економски добробит на народот.Сакам да им се заблагодарам на пратениците во Собранието, овој и претходниот состав, на членовите на двата состави на Владата за време на моите мандати и на граѓаните на нашата држава.Прво, за изразената доверба на парламентарните избори, потоа и за поддршката за мојот избор за премиер со што прифатија дека нема такви прашања за кои нема одговор додека постои волја за нивно решавање и додека постојат взаемни односи на искрена доверба и пријателство.Времето ќе покаже дека оваа моја одлука е во согласност со мојата определба да бидам политичар кој презема одговорност за да бидат донесени тешки, но историски важни одлуки за добрата и сигурна иднина на нашиот народ и на државата, без притоа грижата за личниот политички рејтинг да ја ставам пред државните интереси.Посакувам благосостојба и просперитет на сите наши граѓани, на сите заедници, на целиот наш народ“.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во ливада кај Крива Паланка пронајден дел од човечки труп

Редакција

„Тази датум не е датум“: Твитер реакции по средбата на Заев со Меркел

Редакција

(Видео) На 33-годишна возраст почина пејачот Том Паркер од групата „The Wanted“

Редакција